Off Topic

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Уште ретрограден Меркур ѝ фалеше на Босна

Босанската министерка за ОБРАЗОВАНИЕ им објасни на луѓето што е коренот на нивните проблеми: ретроградниот Меркур! Почнал на 30 октомври а Јасна Дураковиќ (знак: Близнаци) советува до 14 ноември, кога ќе се повлече, луѓето да ги одложат сите важни договори, преговори и потпишувања деловни договори за втората половина на ноември. Луѓе предлагаат дотогаш и таа да се повлече. 

Кој ја знае формулата, нека фрли со првата чиа

Мајкл Филип Џегер, познат како Мик Џегер, фронтмен на Ролинг Стонс. 83 години, во телото има истурено стотици килограми кокаин, хектолитри алкохол а во градите има стара тутунска фабрика. Годинава издадоа албум, трча дневно по 10-тина километри. Роберт Превост, познат како Папата Лав IX, фронтмен на Католичката црква. Има 71 година, најчест доручек му се житарици со млеко, во петок пости. Има рак на белите дробови.

Попишувачот

Дур си напишал на хартија „Правиме попис“ за да го залепиш на врата од дуќанот, пописот завршил. А може па само нè шеба.

Автомобилски проблем што се решава на адвокат

Човеков на враќање од ручек од кај родителите на сопругата на сред пат забележува дека колата му прави некаква галама. Се уште не е познато дали овој проблем го има само во оваа кола или и во другите возила.

Гравитацијо, и на астронаут си му тешка

Морепловците имаат проблем со рамнотежата кога после неколку месеци на море ќе стапнат на цврсто тло. Слично е со астронаутите кога после долго време ќе ја почувствуваат гравитацијата на родната планета.

Искрениот трејлер за филмот што не го гледаше

50 нијанси потемно, или филмот што не сакаш да веруваш дека жените по дома кај тебе веројатно го изгледаа. Плус статистика колку секс и каков секс има во филмот што треба да биде за секс (спојлер - вкупно 10 минути во цел филм).

Дејли шоу, генерација "Џорџ Буш"

Стивен Колбер во емисија ги собра колегите и шефот од едно поубаво време, кога се расправаа со Џорџ Буш, неговите бушалашитини и војната во Ирак. Повод, чисто да се видат и малку да здивнат од сегашноста.

Кога работиш со филмски ефекти, а имаш Витара од 96-та за продавање

Многу е едноставно, ако веќе немаш технички спецификации за да ја пофалиш колата, гледај барем да знаеш да направиш добар спот што ќе ја шитне.

Распеани Рамштајнчиња

Хор клинци ја пеат Mutter (Мајка) од Рамштајн и звучат одлично. Малку е језивко ако знаете како оди текстот на таа песна, ама според нашите педагошки канони, Рамштајн е увек боље од цмиздрењето во „Вљубениот ерген“.

Добриот глас високо се слуша

Ги знаете оние Talking (Том, Карл, Анџела, Џинџер...) зезалици за телефон, кога анимацијата го повторува она што со го кажал, само со повисок тон. Ама, лесно им е со човек. Кога ќе ги споиш со рамен на себе, тогаш настанува вистинска, неподнослива дебата.

Пролетен концерт на денот

Секоја пролет човеков снима дуети не со луѓе кои пеат како славеи туку -  директно со славеи. Го имаме годинешниот концерт. Ведрина.

Вежбањето е штетно за сите (според Онион)

Тоа што ова е комплетно неточно, сатирично видео составено од Онион, не треба ни најмалку да ве демотивира да го прифатите како безпогрешно точно ако ви се бендисува што се кажува во него.

Седи да видиш како се работи

Разликата меѓу човек што доаѓа на работа и човек што знае да работи. Првите сме ги изнагледале. Ова се вторите. П.С. кај се купуваат кинески пожарникари?

Некој го мислел ова бе

Јасно е дека ова не е смислено од еден човек, ама пак нè интересира како изгледа денот на барем еден од луѓето што успеале да дојдат до овие заклучоци, и да им честитаме колку им е добро.

Сам свој шампион

Затоа што ти ако не се радуваш на твоите победи, кој ќе се радува? Оди па кажи му дека ова и не е некоја голема победа.

Научен ревизионизам

Пред две децении Бил Нај тврдеше дека постојат два пола. Денес на истото прашање смета дека работата е нешто покомплицирана, а половите во нас се како калеидоскоп. Проблем е што Нетфликс го избриша тој дел од стариот материјал. Ваквото ретуширање и цензурирање на научните погледи од минатото е сè само не е научно.

Бугарија, ајран ти ќе бидеш

Дилемата со сите оние тетоважи со кинески, јапонски букви беше: од кај знаеш бе дека точно ти го напишале зборот, што во земја во која се грешат тетоважи со англиски зборови е доста здраво размислување и страв. Како што тоа азиското изгледа интересно од оваа страна на светот, така од другата страна на планетава, егзотиката и поимот за квалитет се доловува со зборот "Бугарија", барем кога е во прашање кисело млеко.

На симпатизерите на Трамп почна да им доаѓа памет

Сто дена подоцна и најмалку два пати повеќе разумни забелешки и аргументи, и симпатизерите на Трамп почнуваат да ја воочуваат грешката што ја направија. Може е доцна за ова гласање, ама барем нема да им се повтори грешката на следните избори.

Заменски Џими Кимел

Во вторникот Џими Кимел соопшти дека само што добил син, а потоа ја раскажа и целата драма што се случува со син му во првите часови по породувањето. Во рок од неколку часа дознаваат дека има срцева мана, па доктори, па болници, па операција на отворено срце (на туку што родено дете), и за среќа работата добро се завршува. Од вчера Кимел оди на породилно отсуство, а шоуто му го предава на Вил Арнет.

Нема да ти се верува што ќе ти кажам

Интернет "место каде сè може да биде наведено како извор и каде секое несогласување деградира во соба полна орангутани кои фрлаат измет едни на други".

За сите нас небитни

Ако погледнеш кон Универзумот и се почувствуваш мал, тоа е затоа што си почнал со его кое уште од старт е неоправдано големо. Да, замисли, дури и ти.

Хиерархија на првомајска скара

Фалат тие двете што само да завршат на едно друго место и ќе дојдат, и фамилијата со двете мали деца што читале дека од следната година (кога овие ќе наполнат четири) сè ќе биде полесно.

Тамб ап за трикот со палецот

Таман човек ќе научи бар едно трикче за фасцинирање мали деца, ќе сфати дека ја знае само најлесната верзија на трикот.

Совети за руски туристи: Не ги споредувајте Кенијците со мајмуни

Руското министерство за надворешни работи издаде брошура со упатства за тоа што Русите кои патуваат во различни земји треба, и уште поважно, не треба да прават за да не дојде до недоразбирање или конфликт со мештаните. Главна препорака за оние кои доаѓаат на овие простори е да пазат на зборовите кои содржат пичка и кур.

Попустот го претвора човекот во магаре

Авто-пазар во Денвер понуди ваква распродажба: за 59,99 долари можеш да земеш сè што сам можеш да понесеш.