Off Topic

Во револуција меѓусебно се кинат глави

Во приватните медиуми толпата таму нема што да бара. Никаква правда „по кратка постапка“! Ако дозволите да завладее бран на јакобински бес – сетете се само на Француската револуција – на крајот ќе завршите така што ќе се свртите едни против други и меѓусебно ќе си кинете глави. 

Се моли вештачката интелигенција АПЛА да ни попушта

Некој со помош на вештачка интелигенција креирал слатко детенце со кринџ фалби за Македонија (сонцето грее, планините се убави...). Иако АПЛА се гледа дека ни дете постои ни бутур, наш народ почнува да му зборува, да го фали, советува.... Што правиме ние со вакви луѓе?? Утре некој ќе им направи ВИ видео од Исус и ќе ги убеди дека можат да одат по вода. Еден господ нека е на помош.

И државата има апликација

Гледам дека има доста недоумици, ама ко што сфаќам јас, еве за кои работи може, а за кои не може да се користи дигиталната лична карта/возачка дозвола преку m.Uslugi.

Денот на еден пилот

Видео дневник на еден пилот на патнички авион кој треба да однесе „роба“ до Швајцарија. Кај све не отиде, што све не успеа да направи. А ви се жалите дека со вашата работа не ви останува време за ништо. Ние може само да замислуваме што сè овој човек прави кога лета за Патаја.

Лесно е човек да ја засака Македонија и да ги разбере Македонците

Пар рефлексии на познатиот хрватски спортски новинар и поткастер Марко Петрак (5Rak) од посетата на Скопје. 1) Ако сакате да се најадете одлично и евтино, дојдете во Скопје, и ресторантската и фаст фуд храната им се најдобри. 2) Во Скопје сè е живо и работи. 3) За Македонците: Срчани се и најмногу ги мразат Бугарите и Грците. 

Има ли вистина после УСАИД?

Вистиномер повторно храбро се фатија во костец со уште едно од најгорливите прашања на нашето секојдневие: на кој јазик биле напишани Илијада и Одисеја. Не го нашле тие тоа на дебата во МАНУ, конференција на историчари или лингвисти или школски учебник. На Фејсбук (?!) нашле некоја си објава дека биле напишани на македонски па решиле да нè спасат од заблудата (која немаше ни да ја знаеме да не беа тие). 

Персискиот шмек на Game of Thrones

Рамин Џавади (татко Иранец, мајка Германка) е роден во Дуизбург, Германија, со summa cum laude завршува музика на Беркли во Бостон, под менторство на Ханс Зимер. Ја потпишува музиката на Iron Man, Westworld, Pacific Rim и House of the Dragon, но најпозната му е онаа од Игра на троновите. Овојпат, со дополнително локализиран аранжман на Реза Саџади, изведен од девојки на удирачкиот инструмент даф. 

Реза го нуди Иран на тацна

Да немавме и по дома вакви, ќе се чудевме. Во надеж дека ќе ја охрабри јавноста да застане зад војната на САД и Израел против неговата земја која треба да да му го расчисти патот до тронот на кој седеше татко му, Реза Пахлави ветува мед и млеко: за 10 до 15 години иранската економија ќе генерирала трилиони долари приходи за САД.

Дајте му Оскар за воена камера

Два британски воени џета, авторитетно летаат над Кипар, покажувајќи ја нивната подготвеност да го бранат просторот по кој шпартаат. Нови, модерни, опремени со најнови технологии, совршено прецизно го параат небото над Кипар. Но, нивното снаоѓање во простор не е ништо во споредба со чувството за простор на камерманот кој ги снима.   

За жените во Иран и САД

Иран ја имаа онаа идиотска „морална полиција“ која со бело-зелени комбиња шпарта по улици за со опомени и казни да ги спроведува строгите исламски правила за облекување и однесување, особено на жените. Но кога американски сенатор ќе ја претстави состојбата, на најамерикански можен начин (црно-бело), и на глуп човек му е јасно дека се работи за гола пропаганда која треба да ги оправда бесрамните потези на империјата. Гајле им е нив за жените во Иран.    

Духовниот отец на Трамп е жена, јако луда жена

Марко Рубио деновиве објаснуваше дека Иран го водат верски лудаци. Хмм. Ја видовте онаа бизарна сцена од Белата куќа, кога верски лидери му ја праќаат силата на молитвите на Трамп кој седи и мижи, собирајќи ја енергијата небаре е Тор. Меѓу нив беше и Паула Вајт, особено опичена особа, евангелистичка проповедничка, духовна советничка и негова лична пасторка. „Да му кажеш не на Трамп е како да му кажеш не на Бога,“ ќе пресуди Вајт. Рубио, добар?  

Селфито е издаица

GeoSpy AI е алатка базирана на вештачка интелигенција што ја открива местоположбата на една  фотографија преку анализа на нејзините визуелни елементи. Не зависи од ГПС метадата, од EXIF (Exchangeable Image File Format) дата, туку ги споредува карактеристиките на сликата со огромна база на географски податоци. Доволни ѝ се само пиксели.

Шерил од Салт-Н-Пепа: Сатанистите ја контролираат музичката индустрија

„Тие ја поседуваат владата, политиката (демократите и републиканците), судскиот систем, образовниот систем, банките, федералните резерви, недвижностите, фармите, Холивуд, музиката, медиумите, спортот, големите фармацевтски компании, сè,“ вели Шерил „Салт“ Џејмс. Вика, го проучувам јас тоа со години ама човек не може да зборува бидејќи ќе го направат луд. 

Трамп никогаш нема да забие американско знаме во Техеран

Цел свет сабајлечки се буди за да види што ноќта спремил Доналд Трамп, ја коментира неговата непредвидливост хрватскиот професор Жарко Пуховски. Кај Трамп до неодамна беше добро што барем не ги криеше мотивите (во случајот со Венецуела отворено кажа дека се работи за нафтата), но сега и тој врти кон проверениот американски пропаганден наратив за човекови права и рушење на авторитарни режими. 

Миротворецот Биби

Да потсетиме на времињата кога Бенјамин Нетанјаху ги убедуваше Американците дека ако го скинат Садам Хусеин, тој ГАРАНТИРА дека тоа ќе има огромно позитивно влијание во регионот. „Позитивното влијание“ се виде во пола милион загинати, пет милиони раселени, хаос и политички вакуум кој го пополни ИСИС.

Америка ја изгуби војната кога ги испука првите шест ракети

Поранешниот офицер за разузнавање на американската морнарица и главен инспектор за оружје на ООН беше на интервју кај Џорџ Галовеј. Оценува дека војната е изгубена откако се дрзнаа да го убијат ајатолахот, потег кој е сличен како да го убиеш Папата. За опис на Доналд Трамп искористи наслов од песна на Грин Деј. Знаете која.  

На лагата ѝ се (таман) кратки видеата

Војната во Иран е прва во која сме апсолутно преплавени од лажни видеа. До толку немаше ни за Газа, ни за Украина. Сега е поплава (а ќе станува бетер) за на крај на сопствените очи да не си веруваме. Дури и алатките за проверка на автентичноста не секогаш вршат работа. Грок вчера неколку пати се пишманеше за еден наводен ракетен напад во Тел Авив, на крај ја баталивме приказната.

ПКМ - Крив правец

Жесток спот на Иван Солунчев на исто толку жестоката и болно прецизна „Крив правец“ на ПКМ (Пупе Кељавиот од Мичурин), песна која удира во плексус и мава по јајца (оние кои уште ги имаат). Гневна а бескрајно тажна „крвна слика“ на македонската денешнина од која немоќта вреска во КАПС ЛОК. Топ(-)тан пропс за сите вклучени во овој хип-хоп. 

Иран: Угоре високо, удолу длабоко

Размислување на еден обичен Иранец. Луѓето како него се чувствувааат заглавени меѓу две лоши избори. Од една страна го имаат домашниот режим: неспособен, задрт и морално банкротиран. Од друга, гледаа што се случува во други земји после западните интервенции и како тое држави потонаа во хаос и постојано безредие откако им беше „помогнато“.

За оние кои постат

Има верници кои во постовите строго се држат само до нутриционистичките препораки, како со тоа да завршиле работа за оној билет во посакуваниот правец. Попат ниедна друга суштинска поента на постот ниту ја почитуваат ниту ја практикуваат. Не ни се верува дека има луѓе кои стварно веруваат дека еден ден, кога ќе се дојде до небесната раскрница, надлежните скретничари ќе му кажат: „Ааа, онојпат во петок се омрси, не играме така“.

Цензура не треба кога никој не чита

Не дека залудни беа стравувањата на Орвел од некој нов тоталитаризам. Денес западните држави во чии елитни клубови копнееме да влеземе се полни со загрижувачки идеи и проекти за гушењето на слободата на поединецот (во име на неговата добробит?!). Но, во меѓувреме тивко се препуштивме на една друга заробеност која е позната околу два милениума. Кога римскиот Колосеум ни се префрли во телефонот.   

Хејс- Трамп 1:0

Наследниците на соул легендата Исак Хејс (Ајзак Хејс) пред две години го тужеа Доналд Трамп за неовластено користење на неговата песна „Hold On, I’m Coming“. На настани и во видеа ја искористил 133 пати и бараа отштета од 3 милиони долари. Деновиве вонсудски се спогодиле. Сумата не е објавена ама ете фин повод да ја слушнеме песната без Трамп да ни го фалшира впечатокот.

Оружјето на мексиканските картели е американско

Такер Карлсон на времето тврдеше дека Украина продава добар дел од оружјето кое го добива од Америка и западните сојузници и дека значајна количина од тоа завршува кај мексиканските картели. Го обвинија дека шири лажни вести. Сега, мексиканскиот министер за одбрана, Рикардо Тревиља, открива дека 80% од запленетото оружје од картелите е од американско производство.

Битно е да се истакнуваш

За мајтап го есапат луѓето ама него му е гајле. Ѕвезда е по интернет мрежите а и во реалноста стотици луѓе се собираат за да го гледаат. Причината е фудбалот: спорт кој тој го обожава а таа љубов е пропорционална со тоа колкав труп е во фудбал. Особено кога ќе му набацат на глава, кога ни приближно не може да процени како функционира физиката и да ја одреди траекторијата на топката.  

Како им се кажува на деца дека се разведувате

Разводот е чувствителна материја која се комплицира кога во равенкета има и деца. Особено ако се мали па треба да се најде начин да им се објасни зошто тато и мама веќе нема да бидат заедно а тие ќе бидат најчесто и кај едниот и кај другиот (кај нас татковците по дифолт остануваат покуси). Треба внимателно да се најде формата која тие мали и невини суштества ќе ја разберат. Ова е предлогот на Луи СиКеј. 

Паднаа филтрите

„Паднаа филтрите“е новото „паднаа маските“ за прилики и ситуации кога некој ќе го покаже своето вистинско лице. Буквално тоа ѝ се случи на една кинеска инфлуерска нан која сред лајв ѝ се случи глич на филтерот кој го користи па наместо млечно белата млада убавица се покажа една постара девојка со сосема поинакво лице и тен. Инстантно изгубила 140.000 следачи.

Иднината на ТВ спортот

„Додека топката е во воздух, да ви ги соопштам составите на екипите...“ Така некако, бавно и лабаво некогаш течеше и спортот и ТВ преносите од него. Денес да гледаш тенис од времето на Бјорн Борг и Мекинро, ќе мислиш дека некој те зеза. Знаете како сето тоа е забрзано, но почекајте да ја видите следната фаза. Гледачот ќе има чувство дека е меѓу играчите, дека е влезен во кошаркарски рекет, дека патува заедно со тениското топче... 

НБА закуцување на Такер Карлсон

Американскиот милијардер Марк Кубан (тежи шест милијарди долари), споделува дека половина од неговата фамилија се Украинци и дека на таа земја „треба да ѝ помогнеме.“ „Ти колку пари имаш пратено во Украина?“, го прашува Такер Карлсон. Овој му вика дека ја нема помагано Украина зашто други работи помага. „Секогаш кога ќе кажуваш што треба да правиме, почни од себе. “

Филмски трибјут на женските нозе

Во ерата на немиот филм, уште во 20-тите години од минатиот век, женските нозе биле еден од ретките начини да се покаже сексуалност без да се прекрши цензурата (која подоцна ќе се преточи во Hays Code). Фала му на Бога, работите се олабавуваат па нозете стануваат еден од највпечатливите филмски симболи на еротика, моќ, ранливост или фетиш. Без разлика дали сте за повеќе за Мерлин Монро, Марго Роби, Салма Хаек, Шерон Стоун... 

Википедија за фајловите на Епстин

Креаторите на JMail (веб-платформа за е-пошта) го клонираа изгледот на Википедија и направија Јикипедија, ВИ генерирана енциклопедија за луѓе, места и настани од Епстин скандалот, базирана на објавените документи. Направена е за полесно истражување на фајловите, со фокус на познатите луѓе поврзани со педофилот. Има профили на личности (пријатели, соработници, жртви...), број на разменети меилови со Епстин, посети на неговите имоти, мрежи на врски....