- Главата на англиканската заедница во светот, надбискупката Сара Мулали ја повлече наградата за имамот Хафиз Мухамед Тахир Мехмуд Ашрафи, откако на површина излегоа негови оценки за Осама Бин Ладен во минатото.
- Наградата на имамот му беше врачена на 25 годишнината од 11 септември, заради неговиот придонес кон заштита на религиозните малцинства во Пакистан.
- Не требаше многу време да се открие дека во 2007-ма, истиот имам го величал Осама Бин Ладен и го нарекол „Божји меч“ кој „им служел на муслиманите водејќи џихад против неверниците“.
- Овој рече дека бил изваден од контекст. Пишурија.
- Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар изјави дека Ерусалим се залага за воспоставување врски со Австриската партија на слободата (FPÖ), која е основана од поранешни нацисти, но во изминативе години сè повеќе зазема цврст произраелски став.
- Сар го поздрави говорот на лидерот на FPÖ, Херберт Кикл, кој ја поддржа десничарската агенда на израелската влада. Партијата го осуди терористичкиот напад на Хамас од 2023 година, ја усвои дефиницијата со која критикувањето на Израел се изедначува со антисемитизам и ја призна „историската поврзаност на еврејскиот народ со Јудеја и Самарија“ (библиското име за Западниот Брег).
- Еврејската заедница во Австрија ја отфрла FPÖ поради политичките корени на партијата. Нејзиниот прв лидер, Антон Рајнталер, беше поранешен нацистички функционер и офицер во единиците СС.
- Во 2000 година, кога партијата првпат влезе во австриската влада, Израел во знак на протест го повлече својот амбасадор и го намали нивото на дипломатските односи.
- Словачкиот премиер Роберт Фицо предупреди дека нема да дозволи неговата земја да биде вовлечена во војна врз основа на членот од Повелбата на НАТО за колективна одбрана ако биде нападната некоја од членките.
- „Не сакам Словачка да биде дел од каков било воен конфликт поради некаков Член 5. Ние сме дел од НАТО, го цениме тоа и посветени сме на соработката и исполнувањето на нашите обврски. Но, како премиер ќе направам сè што е во моја моќ за да осигурам Словачка никогаш да не биде вовлечена во воен конфликт“, изјави Фицо спроти посетата на Украина.
- „Може ли некој да замисли дека ќе ни кажат: ’Подгответе 5.000 војници, 10.000 војници‘, и тие да заминат во војна некаде? А ние дури и нема да знаеме со кого, зошто и за што“, додаде Фицо.
- Словачкиот премиер тврди дека пристапот на западните земји кон Москва и поддршката за Украина го зголемуваат ризикот од војна со Русија.
- „Постои тенденција нашата неспособност да решиме проблеми како илегалната миграција, конкурентноста и високите цени на енергијата да ја криеме зад воинствена реторика од типот: ’Ајде, да се бориме‘. За име на Бога, со кого сакаме да се бориме? Со кого?“, прашува Фицо.