- Гигантот за производство на чипови Nvidia за сума од над 400 милиони долари го купи стартапот Kumo AI за предвидлива вештачка интелигенција за бизниси.
- Коосновач и извршен директор на Kumo AI е скопјанецот Вања Јосифовски, поранешен технички директор во Pinterest, AirBnB и инженер на истражувачки тимови во Google и Yahoo.
- Стартапот Kumo AI го основал пред пет години во САД заедно со Јуре Лесковец – професор на Стенфорд, и Хема Рагаван – поранешна директорка на одделот за ВИ во LinkedIn.
- Моделите со ВИ на Kumo се прилагодени за решенија за структурирани деловни податоци, како што се информации за клиентите и податоци за плаќање, кои генерално се потешки за анализа од страна на големите јазични модели.
- RFM моделот на Kumo може веднаш да се справи со предвидувањата за сè, од одлив на клиенти до ризик од неплаќање на кредитен рејтинг, без дополнителна обука.
- Министрите на ЕУ го поддржаа предлогот за ограничување на привремената заштита за украинските мажи на военоспособна возраст.
- Согласно Директивата за привремена заштита, воведена по руската инвазија врз Украина во 2022 година, ЕУ им даде на Украинците дозволи за престој, пристап до пазарот на трудот и социјална помош.
- Според Евростат, повеќе од 4,33 милиони луѓе кои избегале од Украина моментално имаат привремена заштита во ЕУ.
- „Сите ограничувања треба да важат само за новодојдените кои бараат привремена заштита. Треба да им обезбедиме заштита на Украинците, но во исто време треба да се води војната и да се добие. За да се случи тоа, од суштинско значење е повеќе мажи да останат во Украина и да се борат“, изјави шведскиот министер за миграција, Јохан Форсел.
- Измените на шемата треба да бидат официјално предложени од Европската комисија и да бидат одобрени од членките.
- Кривичниот суд им одреди по 30 дена притвор на поранешниот директор на Царинска управа Стефан Богоев и на тројцата други осомничени за злоупотреба при јавна набавка за чистење на граничните премини и за поткуп од 1.800 евра.
- Богоев вчера беше изведен пред судија во Основниот кривичен суд во Скопје.
- Обвинителство соопшти дека постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да стекне противправна имотна корист од 18.479.692 денари.
- „Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, а второосомничениот, во својство на помошник-директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката“, објави Обвинителството.