- Група од 85 демократски конгресмени и сенатори предложија закон што ќе овозможи отстранување на Доналд Трамп по медицинска и политичка проценка дека тој е неспособен да ја извршува претседателската функција.
- Како повод за иницијативата е наведена заканата од Трамп за Иран: „Цела цивилизација ќе умре вечерва!“ и неговото објавување на монтажата на која е прикажан како Исус.
- Иницијативата сигурно нема да успее, бидејќи републиканците имаат мнозинство во Конгресот, а и Трамп може да ја блокира со вето. Но, може да послужи како пример ако на изборите во ноември драстично се промени распоредот во Претставничкиот дом и во Сенатот.
- Законот предвидува формирање 17-члена комисија, која ќе побара медицински преглед на претседателот за да утврди дали е ментално или физички неспособен да ги извршува овластувањата и должностите на функцијата, согласно 25-от амандман. Потпретседателот Џ. Д. Венс би морал да ги потпише наодите, со што привремено ќе го отстрани претседателот од функцијата, а по 21 ден Конгресот би морал со двотретинско мнозинство во двата дома да изгласа трајно отстранување.
- Отфрлајќи ја иницијативата, републиканците потсетуваат на менталната состојба на поранешниот претседател Џо Бајден. „Острината, неспоредливата енергија и историската достапност на претседателот Трамп се во остра спротивност со она што го видовме во текот на изминатите четири години кога демократите намерно го прикриваа сериозниот ментален и физички пад на Џо Бајден.“
- Претседателот Володимир Зеленски потпиша нов закон со кој антисемитизмот се прогласува за кривично дело во Украина, со казни до осум години затвор.
- Во членот за „кршење на еднаквоста на граѓаните врз основа на нивната раса, националност, религиозни верувања или попреченост“, сега е додадено и „манифестации на антисемитизам“.
- „Поттикнувањето антисемитизам“ сега ќе биде казниво со 200 до 500 „минимални приходи“ (660 до 1.600 евра), со условна казна од 5 години или затвор до три години. Ако притоа се констатираат насилство, измама и закани, казната е до 5 години затвор. Ако антисемитизмот е извршен од организирана група или ако има сериозни последици, казните се од 5 до 8 години затвор.
- Во 2021 година Украина усвои и посебен Закон за спречување и борба против антисемитизмот, во кој не беа предвидени затворски казни. За форми на антисемитизам беа дефинирани негирање на правото на самоидентификација на Евреи, повици за убиство или оправдување на убиство на Евреи или предизвикување штета поради радикални идеологии или екстремистички религиозни ставови.
- Луфтханза и КЛМ, две од најголемите европски авиокомпании, откажаа стотици летови поради зголемените трошоци за гориво предизвикани од војната во Иран.
- Германската Луфтханза до викендот ја приземји флотата од 27 авиони на својата дивизија „Ситилајн“ за деловни летови меѓу европските аеродроми. Холандската КЛМ откажа 160 летови за следниот месец.
- Шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ја предупреди Европа да се подготви за бран на понатамошни откажувања на летови предизвикани од недостиг на гориво за авиони.
- „На Европа ѝ останаа „можеби околу 6 недели гориво за авиони“, предупреди Фатих Бирол.
- Цените на авионските горива во Европа се зголемија за повеќе од 120% од почетокот на војната во Иран. Земјите од Европската Унија увезуваат од Блискиот Исток околу 75% од горивото за авиони.