Мигранти лажат дека се геј за да добијат азил во Британија

Мигранти од Пакистан во Британија им плаќаат илјадници фунти на адвокатски фирми за да ги претстават дека се геј и така да им обезбедат право на азил. Британија не може да ги депортира, бидејќи хомосексуалноста е кривично дело во нивната матична земја. Тешко може да ги открие измамите, бидејќи азилантите се опремени со фотографии, сведочења и други лажни докази.

За сума од 3.500 па до 7.000 фунти, адвокатски канцеларии и советници им даваат инструкции и им конструираат приказни на мигранти на кои им изминала важноста на визите за престој во Британија. Мигрантите од земји како Пакистан или Бангладеш, каде што хомосексуалните односи се кривични дела, во барањата за азил доставуваат лажни писма, фотографии и медицински извештаи.

Во 2025 година имало над 100.000 барања за азил поради закана од прогон во матичните земји поради хомосексуалност. Оваа група сега сега сочинува 35% од сите барања за азил. Властите се запознаени со измамите, но тешко можат да ги докажат.

Секој што ќе биде фатен како се обидува да го искористи системот ќе се соочи со полната сила на законот, вклучително и отстранување од Британија, предупреди Министерството за внатрешни работи.

На репортери на ББЦ кои се претставиле како студенти од Пакистан и Бангладеш, една адвокатска фирма им побарала 7.000 фунти за да поднесе лажно барање за азил, со гаранции дека „е многу мала“ шансата да биде одбиено. Друга побарала 1.500 фунти за составување лажно барање, плус уште 2.000 до 3.000 фунти за да обезбеди соодветни докази.

Азилантите добивале совети да посетат матични лекари и да глумат дека се депресивни за да добијат медицински белешки со кои би ги поткрепиле барањата. Најмалку еден лажел дека е ХИВ позитивен.

Една советничка за имиграција, која повеќе од 17 години работела на лажни барања, се пофалила дека пред надлежните власти признава дека имала хомосексуален однос со клиентки.

За да се обезбеди доказен материјал, се организираат и лажни ЛГБТ настани, на кои ретко кој навистина е геј. Учесници на настан во Ворчестер со кои разговарале репортерите признале дека повеќето пристигнале само за да добијат алиби.

Никој не е геј овде. Ни 1%, па дури ни 0,01% не се геј, изјавил мигрант претставен како Зишан.

Барателите на азил се подложени на почетно интервју пред Министерството за внатрешни работи, а потоа на исцрпно „суштинско интервју“ од неколку часа, во кое детално се испитуваат барањата. Ако одлуката е негативна, барателот може да ја оспори на суд.

Нема проверка за да се открие дали лицето е геј. Главната работа е што ќе кажете. Само треба да им кажете дека „јас сум геј и тоа е мојата реалност“. Има многу луѓе што не се геј, но аплицираат за виза. Не си сам, рекла пред новинарот советничка што се претставила како Таниса.

Таа објаснила дека ќе обезбеди пакет од докази, вклучувајќи фотографии од клубови, билети за настани, документи за членство и писма за поддршка.

Тешко е да се знае точно колку барања за азил се лажни. Статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека пакистанските државјани поднесуваат непропорционален број од барањата врз основа на сексуалност.

Во 2023 година имало првични одлуки за 3.430 барања за азил од ЛГБТ заедницата и речиси 1.400 нови барања за азил поднесени врз основа на сексуална ориентација. Околу 42% биле поднесени од пакистански државјани. Во истата година, пакистанските државјани сочинувале само 6% од вкупните барања за азил.

Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд во март објави значајни промени во правилата за имиграција на Британија. На барателите на азил сега ќе им се нуди само привремена заштита, а нивните случаи ќе се преиспитуваат на секои 30 месеци.

16 април 2026 - 12:12