- На 79 годишна возраст почина Илија Пенушлиски, еден од најреномираните македонски сликари.
- Во објавата на социјалните мрежи неговиот син, Илија Митрев-Пенушлиски, напиша: „Беше исклучителен уметник, познат на многумина, но рамнодушен кон тоа да биде познат. Неговите идоли беа уметници, каубои, пијаници и Хозе Мухика“ (уругвајскиот претседател кого го нарекуваа „најскромниот на светот“).
- Роден е во Скопје 1947. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1971 година. Во 1972/73 бил на постдипломски студии на Прат институтот во Њујорк како Фулбрајтов стипендист, и има бројни самостојни изложби во земјава и во странство.
- Неговиот сликарски израз е препознатлив по урбаните мотиви, често инспирирани од Скопје и неговата архитектура. Во неговите платна може да се забележи динамика на градот, преплет на форми и линии, како и богата и експресивна колористика. Пенушлиски не се ограничувал на класични претстави, туку често експериментирал со апстракција, создавајќи дела што оставаат силен визуелен впечаток и поттикнуваат размислување. Неговата последна изложба, изложба „Градот“, каде за првпат во својата плодна и светска кариера работи со дигитална графика, беше во 2018 во скопската галерија „Акантус“.
- Проектот „Сликите на вкусот“ објавува отворен повик за млади уметници и фотографи на возраст од 18 до 35 години од Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. Тој не бара само естетски фотографии од храна, туку визуелни приказни за ритуалите: месење леб, одење на пазар, семејни трпезарии и традиционално производство на вино и ракија. Целта е преку објективот да се документираат односите што се градат околу заедничката трпеза.
- Финалните трудови ќе бидат претставени на голема регионална изложба во Скадар, Албанија, во мај 2026, каде што македонските учесници ќе ги изложат своите дела заедно со врсниците од регионот – соопшти Mеѓународниот фестивал на алтернативна фотографија. Локален партнер одговорен за спроведување на проектот во Македонија е Фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“.
- Избраните учесници ќе имаат можност да ги развиваат своите концепти под директно менторство на Сашо Алушевски (Македонија) и Звездан Манчиќ (Србија). Програмата ќе се реализира во април и мај преку хибриден модел на осум работилници, кои вклучуваат работа на терен, индивидуални сесии и онлајн-менторство.
- Повикот е отворен до 10 април 2026. Заинтересираните може да аплицираат со фотосерија, есеј или со архивски материјали или со проектна идеја/концепт, кој допрва би го развивале. Апликацијата треба да содржи кратка биографија, опис на концептот и до 15 фотографии. Предлозите се испраќаат на photofestgrain@gmail.com.
- Во Музејот на современа уметност во Скопје, на 31.3 (вторник) со почеток во 20 часот, уметницата Тања Балаќ ќе го претстави својот нов проект „Телото што ја памти тишината“ – мултимедијално дело што ги истражува односите меѓу меморијата, тишината и трауматското искуство.
- Изложбата е конципирана како просторно и визуелно искуство составено од две целини: инсталација поставена во изложбениот простор и видео проекција во кино салата. Преку внимателно избрани и минималистички изразни средства – светлина, боја и движење – авторката создава амбиент кој поттикнува продлабочена перцепција и внатрешна концентрација кај посетителите.
- Во центарот на проектот е концептот на телесна меморија, претставена како тивко и често невидливо присуство што ги носи и трансформира искуствата, без нужно да се изрази директно или наративно. Делото отвора простор за суптилни и интимни состојби, овозможувајќи нивно силно, но ненаметливо доживување.