- Израелската влада одобри изградба на уште 22 населби за еврејски доселеници на Западниот Брег, за да ја зацврсти окупацијата на палестинската територија.
- Министерот за одбрана Израел Кац изјави дека новите населби ќе го спречат создавањето палестинска држава, која би го загрозила Израел.
- Израел досега изгради 160 населби за околу 700.000 еврејски доселеници на Западниот Брег и Источен Ерусалим, откако ги окупираше во 1967 година.
- Експанзијата на доселеничките населби ја стеснува територијата на 2,7 милиони Палестинци, кои се концентрирани во урбаните центри.
- Меѓународниот суд на ОН лани го прогласи за нелегално израелското присуство на окупираните територии, но Израел ја отфрла пресудата, која не е обврзувачка.
- ФБИ трага по измамници што ѝ го хакирале телефонот на шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, и во нејзино име се јавувале на сенатори, гувернери и бизнисмени низ САД.
- Тие ја пробиле заштитата на телефонот, добиле пристап до контактите и од други броеви испраќале СМС во нејзино име. Дури и разговарале по телефон, користејќи уред со вештачка интелигенција што го доловува гласот на Вајлс.
- Во телефонски разговор од еден конгресмен, на пример, било побарано да состави список на лица што може да бидат помилувани од претседателот, а во друг случај било побаран трансфер на пари.
- „ФБИ ги разгледува најсериозно сите закани за претседателот, неговите службеници и кибернетската безбедност. Врвен приоритет е да ја одбраниме способноста на функционерите безбедно да комуницираат за да ја спроведат мисијата на претседателот“, изјави директорот на ФБИ, Каш Пател.
- Лани, за време на претседателската кампања, ирански хакери упаднале во електронското сандаче на Вајлс.
- Белград и Москва формирале заедничка работна група за да утврдат дали Србија тајно ѝ продава оружје на Украина, иако се декларира како неутрална во конфликтот.
- Надворешната разузнавачка служба на Русија (СВР) соошшти дека најмалку седум српски воени компании испратиле десетици илјади ракети и милиони куршуми во Украина, користејќи лажни сертификати за крајните корисници. СВР ги опишува трансферите како „пукање во грбот на Русија“.
- „Најчесто се вклучени земји од НАТО, пред сè Чешка, Полска и Бугарија, но во последно време за таа цел се користат и егзотични опции, кои вклучуваат африкански земји“, додава СВР.
- Српскиот претседател Александар Вучиќ одговара дека некои од објавените тврдења не се вистинити: „Точно е дека имаме договор со Чешка. Но, не е дадена дозвола и не е испорачана ниту една ракета“. Тој додаде дека во Москва за тоа прашање разговарал насамо со Владимир Путин, но дека не може да открие детали.
- „Нашите фабрики мора да живеат и да работат. Во наменската индустрија работат 24.000 луѓе. Оружјето сега го насочуваме на снабдување на нашата војска“, додаде српескиот претседател.