Зошто војуваме?

Додека е во тек она што би можело да биде најкрвавата војна на европско тло од 1945 наваму, нова книга се обидува да објасни зошто и кога човечките суштества војуваат, и - според авторот - зошто тоа го прават ретко.

Стереотипното мислење е дека човечкиот род е генетски наштелуван да разрешува конфликти со насилни средства. Кристофер Блатман, канадски економист од областа на развојот, кој специјализира во истражување конфликти, вели дека сосема спротивното е точно.

Дури и такви групи кои имаат репутација на екстремно насилство како основа на своите бизнис модели, на пример водачите на нарко картелите во Колумбија или членовите на банди во Чикаго, кои авторот лично и добро го запознал, имаат силни причини зошто да склопуваат договори со ривалите, и со тоа да одбегнат високи трошоци и ризици на отворениот судир. Картелите можеби се мразат меѓусебно, и нивната моќ за преговори се базира на огненото оружје со коешто располагаат, но сепак има логика тие да одбегнуваат војување бидејќи тоа е деструктивно, а резултатите се непредвидливи.

Сè додека обете страни имаат реалистична слика за високата цена на водењето војна, рационалната опција во сите случаи е таа да се одбегне. Нуклеарните оружја се екстремно ефикасни во превенирање отворен судир, бидејќи тие подразбираат сигурно уништување на двете страни. Овој пристап кој фаворизира спречување војна функционира во најголем број случаи, но не секогаш. Блатман идентификува пет „логични начини“ зошто, и покрај сите причини за компромис, луѓето сепак одлучуваат да потегнат војна. И сите пет се вклопуваат во моменталната слика на војната во Украина.

Прво е она што авторот го нарекува „нереализирани интереси“. Тоа е кога интересите на владетелите се разликуваат од оние на владеаните - кои немаат начини да влијаат врз своите надредени. Путин можеби е, и бил свесен за цената на животите на младите руски војници и економските потешкотии за обичните луѓе во Русија поради санкциите. Но имал повисоки, до тогаш нереализирани интереси.

Второто е „нематеријални мотиви“. Луѓето војуваат за вредности и идеи кои се во втор план при рационализацијата и проценката на економскиот интерес од невојувањето. Ова го објаснува однесувањето на Украина, која покажува подготвеност да го апсорбира страдањето на својот народ во име на либералната демократија, која според неа се заштитува со отпорот што го пружаат кон надворешниот непријател.

Уште една причина е „погрешна перцепција“. Дали државите и нивните водачи навистина ја разбираат друга страна па дури и себеси? Како што се покажа набргу по почетокот на војната, високата самоувереност на Путин дека неговите вооружени сили ќе остварат брза победа не се оствари. 

Вториот дел од книгата е полн со практични совети за градење мир, главно извлечени од претходни интервенции на места како Либерија и Јужен Судан. Но јасно е дека нема истоветен прирачник кога станува збор за војни кои вклучуваат големи сили, особено оние кои поседуваат нуклеарен арсенал. 

извор

28 април 2022 - 09:24