Два актуелни филмови, кои немаат никаква содржинска поврзаност, сепак делат заедничка карактеристика - најавната шпица се појавува во триесетата, односно четиресетата минута по нивниот почеток. Првиот е „Фреш“ на Мими Кејв, филм за суровоста на современите љубовни врски, прикажана низ очите на млада жена која почнува да се среќава со шармантен маж за наскоро да ја открие неговата грозна вистинска природа. Преодот помеѓу првиот, шармантниот и грозниот дел е токму најавната шпица која се појавува во 33-тата минута. Таа не само што ги одделува двата жанровски контрастни дела, туку на структурно ниво ја одразува идејата дека тука нешто не е во ред, штом шпицата не е на вообичаеното место.
Нешто слично, иако не толку драстично, се случува во конкурентот за Оскар, „Вози ја мојата кола“ на Рјусуке Хамагучи, каде шпицата се појавува по дури 40 минути. Всушност, веќе имаме и заборавено дека ја немало, сè до овој момент, кога изненадени се прашуваме - дали тоа е најавна или прерана одјавна шпица? Чувството за хронолошкиот тертип на редењето на нешата ни е нарушено, но можеби токму тоа и е поентата - во филм во кој дејството тече прилично споро и нема динамични пресврти, да се внесе нешто што ќе го вознемири гледачот, иако е во основа банално.
Опциите за ефективно отварање на филм се бројни, но слично како и со книгите, најуспешните се оние кои ја поттикнуваат љубопитноста или интересот, а не оние кои обезбедуваат информации. Како што велел Брајан де Палма, првите минути се скапоцени, тоа е момент кога публиката е подготвена за што и да е. Оттаму, секоја шпица која просто шета со камерата по некаков пејзаж или нуди поглед од птичја перспектива врз урбана архитектура е просто губење време. „Ако некогаш снимам такво отварање, убијте ме“, биле неговите зборови.
Сепак, да се смета половина час и повеќе како „сцена за отворање“ на филмот е малку предолго. Ваквата практика е неодамнешна - меѓу првите примери е филмот „Рохо“ (2018) приказна за политичките превирања на средина на 1970-тите во Аргентина, каде најавната шпица е на 23-тата минута. Тоа е момент кога гледачот може да земе здив и да размисли за она што се одвивало до тогаш, да го соџвака за да продолжи понатаму. Дали ова ќе стане новото филмско нормално не се знае, но посакуваме сепак да не го следи методот на јапонскиот провокатор Сион Соно: насловната на неговиот хорор-комедија-трилер „Љубовна изложеност“ (2008) паѓа на 58-мата минута. Потоа следат уште три часа акција.