Зошто велиме „штурци“ кога е тивко?

Звукот на штурците може да достигне и до 100 децибели (еквивалент на звук што го испушта мотор на далечина од 1 метар). Тогаш зошто го користиме како асоцијација на тишина или отсутво на реакција?

Кажувате нешто пред група луѓе. Очекувате ентузијастична реакција, а од таму...штурци. Да е ова филмска сцена може да е придружена со микрофонска фонија. Некој од публиката да поткашлува. А во крупен план фокусот да е на капката пот на вашето чело. 

Но зошто терминот „штурци“ се користи за опишување на ваквата ситуација, кога реално штурците се многу гласни инсекти? 

Според речникот на англискиот јазик Меријам-Вебстер, штурците често се користени од страна на писатели и новинари за да опишат атмосфера на летна ноќ во природа, на селска идила, далеку од градот и од различните звуци на технологијата. И не само во книжевноста - сценаристите го користат тој збор како реченица сама по себе, како кинематографска кратенка за тивки локации. 

Но од ваквата употреба, терминот се проширува на каква и да е тишина, која често е непријатна. Што кога стендап комичар не успева да ја насмее публиката? Штурци. Кога професор ќе постави прашање во училница? Штурци. Тие се инсект-заштитник на тивкото шубе, тотално отсуство на реакција. 

Во буквална смисла штурците можат да се гласат со јачина од 100 децибели, што е еквивалентно на турирање мотор. Дури и самиот збор на англиски е ономатопејски, односно го имитира звукот (кри-кет), слично како и на македонски што го имитира стружењето. Во постариот англиски се користела и изрека „разигран како штурец“ или „весел како штурец“. 

Интересно е како еден навидум „прост“ инсект може да асоцира на толку многу работи - и на безгрижна веселост и неодговорност (ви текнува на басната за штурецот со виолината и трудољубивата мравка?), на врева и на тишина. А кој знае како тие би велеле за иста таква непријатна тишина - можеби „луѓе“?

извор

20 јули 2024 - 10:25