Организмот на свињите не се терморегулира како човечкиот, па оттаму тие не се потат во вообичаената смисла на зборот, а уште помалку во толкава мера за аналогијата со препотен жител на скопска мансарда без еркондишн во јули да има смисла.
Тогаш од каде изреката „се поти ко свиња“, присутна во повеќе јазици? Taa всушност се однесува на сосема поинаков вид „свиња“, односно „прасе“.
Во минатото, кога се топело железо, течната смеса била истурана врз песок за да се олади. Калапите кои се користеле за „инготи“ (парчиња метал во форма на шипка) имале облик на разгранета структура, при што биле под прав агол во однос на централниот канал, што личело на група прасиња доени од свиња. Така, тоа било наречено pig iron или „прасечко“ железо.
„Потењето“ се случува кога железото почнува да се лади, бидејќи во тој момент врз површината се собира влага. Тоа е истовремено сигнал дека железото е доволно студено за да може да се работи со него. Оттаму, фразата не се однесува на реални прасиња, туку е жаргонски термин во процесот на производство на железо - доколку сакаме да сме баш прецизни, би требало да кажеме „се потам како прасечко железо“. Секако, во македонскиот сосема е можно потењето како свиња да е всушност само метафора на нешто мрсно и валкано, но сличноста со изреката во англискиот нè тера да се подзамислиме, дека тука сепак постои можна врска.