Зошто славиме со балони?

Ги има на детски (а и не само детски) родендени. На корпорациски „ивенти“. На отворање на дуќани, на свадби, крштевки. Во реклами кои треба да доловат слобода и игривост. Од каде овој обичај?

Балоните во различни форми биле измислени за употреба во воени комуникации, научни експерименти и транспорт. Но не поминало долго време кога на луѓето им текнало дека со нив можат и да се забавуваат и да ги украсуваат просториите за време на прослави.

Првите гумени балони биле измислени од Мајкл Фарадеј во 1824 (види претходно: Славните научници кои не ги бивало за математика), за употреба во неговата лабораторија. Тој ставил два слоја гума еден врз друг, посипал брашно во средината за да обезбеди дека нема целосно да се слепат и потоа ги споил крајчињата.  Забележал дека кога ќе ги наполнел со водород тие имале „значителна моќ на искачување“, иако бил разочаран од тоа што водородот постојано „бегал“. Британскиот изумител и производител на гума Томас Хенкок започнал со дистрибуирање на првите сетови за правење балони веќе следната година, а до 1847 лондонските дуќани веќе ги продавале првите балони направени од вулканизирана гума, што овозможувало тие да бидат и посилни и поеластични. Според статија од Њујорк Тајмс од 1873, потенцијалната индустриска примена на балоните, како и нивната корисност за војската и метеоролозите, била очигледна, но „тие секогаш би можеле да бидат интересен додаток за журки и прослави“.

Во САД балони не се произведувале до 1907, но нивната популарност се зголемувала во текот на поголемиот дел од 20 век. Првите комерцијални балони биле произведени во 1912, а Американците почнале да ги вртат и врзуваат во форма на животни и други фигури во доцните 1930-ти. Уште еден „бум“ во ваквата употреба се случил со појавата на балоните направени од фолија, кои можеле да ја одржуваат својата форма подолго од гумените, па така биле подобри за формирање пораки како „Среќен роденден“ или „Девојче е!“.

Во меѓувреме во Источна Азија наместо балони се користени хартиени фенери, во кои гори мало пламенче. И тие првично биле користени за воена сигнализација, но сега стотици од нив се пуштаат во небото како балони на топол воздух при различни прослави (во некои земји поради потенцијалот за пожари се забранети). 

Ризиците по околината во последниве години ја имаат намалено продажбата на балони. Гумениот балон замрзнува кога постигнува одредена висина, се цепи на нешто што личи на шпагети и паѓа на земјата загадувајќи ја. Природниот латекс во балоните е биоразградлив, но повеќето гумени балони се направени од хемиски третиран латекс кој трае со месеци. Балоните исто така можат да бидат опасни за морските животни, ако им влезат во дигестивниот тракт. Како алтернатива на пуштање хелиумски балони еколозите препорачуваат пуштање нехелиумски балон од висока зграда, дување сапуница или садење дрво. 

извор

4 септември 2023 - 17:23