Зошто сите зборуваат за глувоста на Бетовен, а никој за слепилото на Хендл и Бах?

Тоа дека Бетовен наглув компонирал, изведувал и диригирал голем број од своите дела, а целосно глув ја напишал славната 9-та симфонија, е нешто што остава впечаток, затоа што музиката ја поврзуваме со слушниот апарат. Ако тој е нарушен, тогаш надминувањето на ваквата пречка за еден композитор го сметаме за подвиг. Но игнорираниот факт дека Хендл и Бах биле слепи при крајот на своите кариери можеби е многу поголем предизвик за некој што создавал музика во време кога нотниот запис бил единствениот „носач на звук“.

Бетовен почнал да оглувува во своите доцни 20-ти. Веќе славен на 25 поради своите пијано сонати, на 31 бил трауматизиран од губењето на слухот. Сепак, продолжил да компонира и во текот на неговиот „глув“ период ги создал сите симфонии од 3-тата до 8-мата, како и голем број концерти за пијано и виолина. По својата 44-та година станал помалку продуктивен, со кратки периоди на интензивна работа помеѓу 47-мата и 53-тата, од кога датира и славната 9-та симфонија. Неговите последни квартети за жичани инструменти биле создадени исклучиво во неговата глава, а останале неизведени во текот на неговиот живот. Починал на 56.

Хендл ослепел на едно око на 66; едвај го завршил ораториумот на којшто работел; целосно ослепел на 68. Никогаш не креирал друго значајно дело. Но продолжил да изведува концерти за органа, свирејќи по сеќавање, до денот кога умрел, на возраст од 74. 

Јохан Себастијан Бах се разболел кога имал 64. Следната година речиси ослепел, а умрел на 65, по две неуспешни операции на катаракта. На 62 се уште креирал значајни дела, на 64 завршил со составување на деловите од својата Миса во б-мол. Починал оставајќи ја недовршена својата „Уметност на фугата“ - збирка од 14 фуги и четири канони, со тоа што секоја композиција претставувала варијација на една главна тема, но со зголемување на степенот на комплексност. 

Дали од овие биографии може да се заклучи што е позначајно за еден композитор, да слуша или да гледа?

Бетовен не можел да слушне ниту музика, ниту разговори; но муабетел со други, читајќи ги нивните зборови од белешки. Неговите придружници опишувале како тој м’мкал и си потпевнувал додека шетал во природа, враќајки се крај пијаното за да го разработи прсторедот. Можел да ја слушне туѓата музика во својата глава читајќи го нотниот запис. Оттаму и значењето на гледањето, читањето на нотите, замислувањето како да се регистрира (и потоа навистина да се запише) музиката која се врти во главата. 

Изгледа дека нарушениот вид е поголема мака за еден музичар, иако има голем број слепи изведувачи-композитори, особено во популарната музика. Стиви Вондер (слеп од раѓање), Реј Чарлс (глаукома како дете, учел музика во школо за глуви и слепи), слепиот Лемон Џеферсон (делумно слеп од раѓање; уличен и госпел пејач). Сите биле соло изведувачи, пејачи кои се придружувале себеси на клавијатури или на гитара, на студиски снимки во придружба на други музичари. Но она што тие требало да го запишат (односно некој да го запише во нивно име) биле кратки, триминутни композиции во стандардна сонатна форма на повторувања и варијации карактеристична за популарната музика на 20 век. За класичната музика елаборираниот нотен запис бил од суштинска важност особено во ерата пред носителите на звук, кога композиторите можеле да се информираат за музиката на своите колеги и ривали (ако немале прилика да ја слушнат во живо) само преку ноти - музичкото издаваштво коинцидира со развојот на класичната музика. 

Композиторите генерално биле и самите изведувачи. Бетовен продолжил да свири и кога оглувел, и за него свирењето и диригирањето биле телесна навика која продолжила да постои некое време откако тој оглувел. Хендл, од друга страна, кој имал репутација на еден од најдобрите инструменталисти на органа и клавирчембало на своето време, исто така продолжил да свири врз основа на мускулна меморија и помнење на нотниот запис, но ова не било доволно тој да компонира нова музика. Колку и да звучи контраинтуитивно и парадоксално, но на композиторите изгледа повеќе им требаат очи, отколку уши. 

извор

11 август 2022 - 20:04