автор: Џејми Холмс
Во средината на 1980-тите, професорката по хирургија на Универзитетот во Аризона, Марлис Х. Вит (Marlys H. Witte), предложила да се воведе предмет „Вовед во медицинско и друго незнаење“. Нејзината замисла не била добро прифатена; службеник во една од фондациите каде се обратила за финансирање на предметот рекол дека порадо би поднел оставка отколку да поддржи предмет по незнаење.
И велеле да го смени името на предметот, но таа не сакала да се откаже. Професорите премногу често пропуштаат да нагласат колку непознаници има во рамки на зададена тема. „Учебниците му посветуваат 8-10 страници на ракот на панкреас“, рекла неколку години подоцна, „а никогаш не им кажуваат на студентите дека всушност знаеме многу малку за ова прашање“. Сакала нејзините студенти да ги разберат границите на знаењето и да сфатат дека прашањата често заслужуваат еднакво внимание како и договорите. На крајот Американската медицинска асоцијација го финасирала предметот, на кој студентите со задоволство се сеќаваат под името „Незнаење 101“.
Предметите како што е овој и понатаму се ретки, но последниве години научниците се поубедливи во тврдењето дека фокусирањето на непознатото може да побуди латентно љубопитство, додека истакнувањето на познатото може да доведе до искривено разбирање на знаењето.
Во 2006 година, неврологот од Универзитетот Колумбија, Стјуарт Џ. Фајрстајн, почнал да држи предмет за научното незнаење откако, на свое изненадување, открил дека голем број негови студенти веруваат дека знаеме речиси сè за мозокот (Се посомневал дека учебникот од 1.414 страници би можел да биде виновникот за тоа)
Како што тврди во својата книга од 2012 година посветена на тоа како незнаењето го поттикнува развојот на науката, голем број научни факти едноставно не се цврсти и непроменливи, туку им е судено да бидат жестоко оспорувани и ревидирани од страна на идните генераци. Научните откритија не се резултат на уреден и линеарен процес, како што тоа го замислуваат голем број студенти, туку најчесто подразбираат, според зборовите на доктор Фајрстајн, „тапкање во место во мрачна соба, судир со неидентификувани нешта, барање на едвај воочливи фантоми“. Повикувајќи ги научниците од различни области да ги учат своите студенти за она што навистина ги возбудува - не за студените факти, туку за интригантните непознаници - тој се обидува да воспостави нов однос.
Претставувањето на незнаењето како помало од она што навистина е, а знаењето како посолидно и постабилно, ги наведува студентите погрешно да го сфатат односот помеѓу прашањата и одговорите.
Луѓето често размислуваат за незнаењето како за нешто што треба да се искорени или да се надмине, како да е тоа едноставно отсуство на знаење. Но одговорите не претставуваат крај на прашањата; тие провоцираат нови.
Мајкл Смитсон, социолог од Австралискиот државен универзитет, кој на студентите им држел онлајн курс од незнаење, ја користи следнава аналогија: Колку што островот на знаењето повеќе расте, неговиот брег е подолг. Просторот каде се среќаваат знаењето и незнаењето се зголемува. Што повеќе знаеме, можеме повеќе да прашаме. Одговорите не ги победуваат прашањата, туку меѓусебно се размножуваат. Одговорите раѓаат прашања.
Љубопитноста не е само некоја статична склоност, туку страст на умот кој постојано се шири. Мапирањето на брегот на островот на знаењето, да продолжиме со метафората, бара разбирање на психологијата на непознатото. Брегот кој постојано расте, каде одговорите раѓаат нови прашања, е терен карактеристичен по нејасните и контрадикторни информации. Психолозите покажуваат дека состојбата на несигурност која произлегува од ова ги прави нашите емоции поинтензивни; не само чувство на возбуденост и изненаденост, туку и на конфузија и фрустрација.
Граничното подрачје помеѓу познатото и непознатото е место каде се бориме против сопствените предрасуди за да ги прифатиме и истражиме податоците кои отстапуваат. Тоа е борба која Томас С. Кун ја опишал во своето класично дело од 1962, „Структура на научните револуции“. Спротивно на ова, средиштето на островот е сигурно и утешително, што може да објасни зошто бизнисите се борат да останат иновативни. Кога работите одат добро, компаниите „излегуваат од состојба на учење“, вели професорот Гери П. Писано од Харвард бизнис скул. Тие бегаат од несигуроста и одат во внатрешноста на островот.
Науката за незнаењето, или агнотологија, термин кој го популаризирал Роберт Н. Проктор, историчар на наука на Стенфорд - е во зародиш. Ова ново поле на истражување е фрагментирано заради тоа што е релативно млади и што ги преминува границите на научните дисциплини. Но обрнувањето внимание на непознатото, истакнување на случаи кои го илустрираат плодниот однос помеѓу прашањата и одговорите, и истражување на психологијата на непознатото е неопходно. Професорите би требало да обрнат внимание помеѓу незнаењето и креативноста и стратешкото производство на несигурност.
Дојде време да го „посматраме незнаењето како редовна појава, а не како девијација“, храбро тврдат социолозите Матијас Грос и Линзи МекГуи. Нашите студенти ќе бидат пољубопитни и поинтелигенти ако, покрај фактите, бидат опремени и со теориите за незнаењето, паралелно како и со теориите за знаењето.