Кога било „ин“ да имаш портрет со твоите дебели крави

Денес можеби се фалиме со автомобил, часовник или фотографија од егзотично патување, но во Британија во 19 век еден од најнеобичните начини да го покажете својот углед бил да нарачате портрет на сопствената крава. И тоа не каква било крава, туку огромна, дебела крава што изгледа како да може да изеде цело село. 

Во 1802 година, во Лондон пристигнал прочуениот Дарамски вол, тежок речиси 1.360 килограми. Неговото патување низ Англија и Шкотска привлекувало толпи љубопитни луѓе, а неговиот портрет бил репродуциран во илјадници примероци.

Зад оваа необична мода на уметничко прикажување на нечија згоена и здрава стока стоела вистинска натпреварувачка страст меѓу богатите земјопоседници и одгледувачи на добиток. Со селективно парење и нови методи на исхрана, тие се обидувале да создадат што е можно поголеми и потешки животни. Дури и принцот Алберт, сопругот на кралицата Викторија, се занимавал со вакво „унапредување“ на добитокот.

Портретите биле нешто помеѓу реклама, уметничко дело и јавен спектакл. Животните обично биле прикажувани со претерано крупни тела и тенки нозе, а понекогаш до нив гордо позирал и сопственикот. Идеалната свиња требало да личи на американска фудбалска топка, кравата да биде речиси правоаголна, а овцата издолжена. На сликите често биле наведени и димензиите на животното, како и податоци за неговото одгледување. Така, портретот не бил само доказ за богатството на сопственикот, туку и модел што другите одгледувачи можеле да го следат. Најуспешните животни достигнувале високи цени, а некои станувале вистински славни личности - ликот на Дарамскиот вол, на пример, се појавувал дури и на чинии за јадење.

Оваа опседнатост со големината имала и пошироко оправдување. Во време кога британското население растело, а војните ја правеле сигурноста на снабдувањето со храна особено важна, одгледувањето покрупен добиток се претставувало како патриотски чин. Аргументот бил дека подобрите раси на крајот ќе им донесат корист и на посиромашните земјоделци, ќе го зголемат производството на месо и ќе ја зајакнат економијата. Резултатите навистина биле забележливи: просечната тежина на британските крави пораснала за околу една третина меѓу 1710 и 1795 година. Сепак, историчарите забележуваат дека ваквите натпревари биле скапи и дека обичните земјоделци тешко можеле да се натпреваруваат со богатите сопственици на големи имоти.

Денес, портретите на овие колосални животни сè уште можат да се најдат во британски пабови и гостилници, понекогаш и во имињата на самите локали. Но, она што некогаш било доказ за богатство, престиж и национална гордост, денес често изгледа комично.

извор

29 октомври 2026 - 15:34