Расте популарноста на „слушачките барови“

Кога последен пат сте слушале цел албум од почеток до крај, без да погледнете во телефонот, да разговарате или да правите нешто друго? Во светот во кој музиката ни е постојано достапна, но често ја слушаме само попатно, сè повеќе се појавуваат места што нè повикуваат повторно да ѝ посветиме целосно внимание. 

„Слушачки барови“ се места во кои главната атракција не се пијалаците или разговорите, туку внимателно одбраниот звук. Тие денес се инспирирани од јапонските џез-киса - кафулиња што се појавиле во повоена Јапонија, каде што посетителите слушале плочи на врвна аудиоопрема. Во посебно изолирани простории, со удобни фотелји, внимателно уреден ентериер и соодветна опрема, музиката се слуша во тишина, без телефони или други одвлекувања на вниманието.

Според статистика на Тракс&Тејлс, сајт основан од англискиот писател Рафи Мерсер, слушачки барови (хај-фај кафеа и места кадешто се дава приоритет на звукот) има во 171 земји и 6.465 места низ светот. 

Популарноста на ваквите места е дел од обновениот интерес за винилите. Нивниот шарм не е само во звукот, туку и во материјалноста: големите омоти, ритуалот на поставување на иглата и чувството дека слушаме целосно дело, а не низа случајно избрани песни. Во САД, приходите од продажбата на винилни плочи во 2025 година достигнале 1,04 милијарди долари. Во меѓувреме, барови и кафулиња посветени на квалитетниот звук се отвораат низ светот, а ги има и кај нас (пример Аудио култура во Скопје, Кисса во Битола). 

Нивната публика не ја сочинуваат само носталгични љубители на музиката, туку и помлади луѓе што бараат поинаков начин да се поврзат со неа и едни со други. Ваквото слушање може да се претвори во вистинско доживување - не станува збор само за квалитетот на звукот, туку и за споделениот момент со непознати луѓе што ја сакаат музиката. Можеби токму затоа listening-баровите се повеќе од уште еден моден тренд. Во време кога речиси сè се консумира брзо, фрагментирано и индивидуално, тие нудат можност да застанеме и да му се посветиме на нешто целосно. 

извор

29 октомври 2026 - 08:26