Иван Ѓуриќ: заборавениот глас на една поинаква Србија

На денешен ден, 30 октомври 1947 година во Белград е роден Иван Ѓуриќ - историчар, византолог, универзитетски професор и политичар, кого во деведесеттите го нарекувале „српскиот Кенеди“. Бил еден од најистакнатите претставници на либералната и антивоена мисла во Србија во времето кога национализмот станувал доминантна политичка сила. Денес, кога Србија повторно се наоѓа на историска политичка пресвртница, вреди да се потсетиме на неговото име и неговите идеи. 

Иван Ѓуриќ (1947-1997), кој токму денес, 30 октомври, ќе полнеше 79 години, бил угледен византолог, професор на Филозофскиот факултет во Белград и предавач на универзитети во Европа. Но, со приближувањето на распадот на Југославија, сè повеќе се вклучувал во политичкиот живот. Во 1989 година почнал да го уредува списанието „Демократија денес“, а на првите повеќепартиски претседателски избори во Србија, во декември 1990 година, се кандидирал како заеднички кандидат на либерално-реформските движења. Без речиси никаква кампања, освоил 277.398 гласови и го зазел третото место, веднаш зад Слободан Милошевиќ и Вук Драшковиќ. Неговата цел била обид да се понуди поинаква политичка опција во време кога јавниот простор сè повеќе го заземале националистичката реторика и идејата за етнички хомогена држава.

Позицијата му била необична и за тогашните политички поделби: не бил комунист, но се спротивставувал на антикомунистичката хистерија; потекнувал од семејство со свештеничка традиција, но инсистирал на секуларна држава. Го отфрлал великосрпскиот национализам и идејата за етнички чисти територии, сметајќи дека таквите проекти се историска заблуда и водат кон трагедија. За него патриотизмот не значел доминација над другите, туку изградба на модерна европска Србија што ги почитува националните, верските и политичките права на сите. 

Приватно, водел бурен живот, со еден брак и повеќе врски од кои имал три ќерки и (наводно) еден син. Неговата Википедија страница содржи и богат список на објавени дела од областа на византологијата, со дури 84 статии на повеќе јазици. На фотографиите делува како холивудска филмска ѕвезда (го опишувале како „демонски убав“), што е можеби и причината зошто го викале „српскиот Кенеди“. Починал во Париз во 1997, после кратко боледување, најверојатно од рак, на 50-годишна возраст. 

Речиси три децении подоцна, Србија повторно се соочува со прашањето каква држава сака да биде. Секако, не треба да се бара директна политичка линија меѓу Ѓуриќ и денешното студентско движење, ниту да се претпоставува дека тој би ги поддржал сите негови ставови. Но, нив ги поврзува едно суштинско прашање: дали Србија може да изгради политички систем во кој патриотизмот нема да биде спротивставен на демократијата, во кој државата нема да биде сопственост на една партија, а критичкото мислење нема да се третира како предавство. Ѓуриќ верувал дека постои Србија поинаква од онаа на национализмот, стравот и политичката самоволност.

30 октомври 2026 - 14:49