Голем дел од секојдневните вести не се реакции на настани туку на начинот на известување за нив. Медиумите, дури и оние кои се обидуваат да бидат објективни, трошат големо количество енергија во дискусии кои се одвиваат во реално време, главно на социјалните мрежи, во дообјаснување и одговарање на ваквиот тип коментари. Чувството не е само анти-новинарско - истиот тип на бес може да се истури и врз кој и да е функционер, аналитичар и независен експерт во момент кога нивната неутралност ќе напукне, наводно откривајќи предрасуди кои лежат под неа. Едноставно, чувството дека играта е местена, и дека сите лажат, е пресилно за да се има верба во што и да е.
Овој менталитет сега го покрива целиот политички спектар и е карактеристичен за речиси сите општества низ светот. И левицата и десницата се чувствува погрешно претставена и недоразбрана од политичките институции и од медиумите, но ова важи и за либералниот центар, кој верува дека популистите го манипулираат системот за да привлечат повеќе внимание отколку што заслужуваат. Гневот кон „мејнстрим“ институциите станува масовен сентимент.
Една здрава скепса кон каква и да е вест е секако пожелна. Но овој феномен е нешто повеќе од тоа - сомнеж кон секого кој тврди дека ја опишува реалноста на ферски и објективен начин. Наместо да се занимаваме со веста, веднаш ни се активира љубопитноста за тоа што го мотивирало одреден медиум да ја напише статијата, дали има нешто „меѓу редови“ како порака која би требало да оправда или да промовира одредена идеја, дали „паричките се слатки“ па се одбрала токму таа тема, третирана токму на тој начин.
Јавниот живот почнува да личи на претстава во која публиката постојано се сомнева во она што го гледа на сцената. Откако ваквиот корозивен сомнеж ќе натежне врз јавниот живот, луѓето стануваат зависни од нивните искуства и од сопствените убедувања за тоа како функционира светот. Шансата дека „официјалните“ приказни се лажни е огромна, па човек мора сам да си најде потпора, да се држи до она за што е сигурен дека го знае, од сопствено искуство. А ако искрснат контрадикторни факти тие да се отфрлат како лажни или како пропаганда на „другата страна“.
Во споредба со диктатурите од минатото зголеменото ниво на скепса и слободата таа да се искаже може да изгледа како посакуван развој на настаните. Но излегува дека и премногу скептицизам не е на арно. Како да направиме разлика помеѓу овој критички настроен менталитет и оној на еден теоретичар на заговор, кој е убеден дека само тој ја проѕрел измамата на официјалните извори на информации? И обратно, како да ги препознаеме најтешките случаи на необјективност на новинари и експерти, но сепак да прифатиме дека она што тие го кажуваат често е разумен приказ на светот?
Традиционално, системите кои обезбедуваат пишувани сведоштва и јавни соопштенија биле оние преку кои сме биле информирани за она што се случува во светот. Нo во изминатите 20 години, овој начин на регистрирање на реалноста е заменет (и е под закана) на радикално различен систем, кој ја трансформира природата на емпириските докази и на помнењето. Еден термин за ова е „биг дејта“, кој го означува огромниот раст на количеството податоци кои го создаваат различните општества. Но радикалната промена не е во квантитетот, туку во новиот квалитет кој тие го произведуваат - за нешто да влезе во „регистарот“ на вести не е веќе важно дали тоа е проценето како релевантно од страна на медиумите или експертите. Снимаме, фотографираме или известуваме и за крајно банални и небитни нешта погледнато од аспект на големата слика. За прв пат во човечката историја сè се регистрира по дефиниција, а прашањето на значајноста на тој чин или не се дискутира, или тоа се прави само повремено.
Оваа промена поттикнува нереалистични очекувања во врска со човечкото познавање на нештата. Кога секоја информација е на дофат, тогаш не ни требаат посредници за да ни ги толкуваат. Самите податоци можат „да зборуваат самите за себе“. Ако доволно долго гледаме во нив ќе забележиме некакви шеми, може детективски да следиме траги. Ова е фантазија за вистина врз која не влијае никаква намерна човечка интервенција - ултимативна научна објективност.
Се разбира, ова е илузија која може да се надмине единствено ако се прифати дека сите толкувања на светот се едноставно обид за некакво врамување, но кое истовремено не може а да не вклучува морални, политички и други ставови. Реалноста е некохерентна и збунувачка доколку не се поедностави и не се раскаже на овој или на оној начин. Известувањето и уредувањето на вести секогаш е политички чин (во најшироката смисла на зборот) и клучното прашање не е дали тоа е неврамнотежено, туку дали е независно од политичко или финансиско влијание. Парите се оние кои влијаат како податокот се претвора во вест и како се дистрибуира моќта. Ова би требало да е во фокусот на интересот на јавноста, а не деструктивната идеја дека благодарејќи на комбинација на огромен број податоци и лични страсти до Вистината може да се стигне и самостојно.