Кога Вернер Ламперт живеел на алпско пасиште, открил дека кравите освен што имаат машала апетит за трева, сакаат да слушаат и поезија. Секое утро тој се качувал по ридот каде паселе неговите соседи, и им читал на глас дела од романтичниот германски поет Фридрих Хелдерлин. Кравите се собирале околу него, внимателно слушајќи го додека тој читал. Кога ќе завршел со читањето, тие полека се оддалечувале. Следното утро го чекале на истото место.
Според Ламперт, кравите и луѓето имаат посебна врска. Токму затоа се здружил со тим фотографи за да ги документира разните видови женски говеда, кои (сега научивме) спаѓаат во семејство кое се нарекува „шуплороги“.
Неговата нова книга се вика „Во слава на кравата“ и е опишана како „епска ода на неверојатниот диверзитет на кравите и големиот број начини на кои тие им помогнале на луѓето да опстанат во текот на минатите 10.000 години“. Од етиопскиот вид раја-азабо до австриските монтафони, „Крава“ нуди детален поглед на телата и душите на светските крави (и да, Ламперт тврди дека тие имаат души, во што не се ни сомневавме).
Една од супер-хероините на оваа приказна е кравата од видот „сака инага“ која живее во северо-источен Сибир каде темепратурите се спуштаат до -67. Па сепак, таа дава млеко, а локалните жители зависат од оваа течност со висока масленост, како за храна, така и за медицински цели, а лепешките пак ги користат за затоплување во текот на суровата зима.
Кравите се сметаат за свети животни во повеќе култури, а жртвувањето на говеда била врската помеѓу човекот и боговите, канал за света комуникација меѓу нив. Ламперт оди до таму што тврди дека индиската крава од типот хариана (фото долу) дури може да препознае изговорена лага и многу бурно да реагира на неа.
Некои од видовите по кои трагал за книгата веќе се неповратно уништени, а други на работ на уништувањето. Од 1408 видови говеда, 184 се веќе регистрирани како истребени, а 490 се под ризик. Приказната како и секогаш е иста - алчност, пренаселеност, уништување на природната околина на овие животни. Како и со медот и пчелите, и тука мора да важи правилото „пола за нас-пола за кравите“. Но сè повеќе на говедата гледаме како на продукти, понекогаш одгледувани во измачувачки околности, а не како на фасцинантни суштества, кои освен бифтеци се и наши сосуштественици.
Види и: осврт за документарецот „Медена земја“