Вилијам Патрик Хилер се родил во Ливерпул во Британија во 1911. Неговиот татко бил Алојз Хитлер, полубрат на попознатиот Адолф, а мајка му била со ирско потекло. Вилијам се преселил во Германија во 1933 во обид да се изгребе од позицијата на чичко му. Но изгледа дека двајцата не биле баш во најдобри односи. Се претпоставува дека Вилијам се заканил дека ќе им каже на медиумите за тоа дека дедото од таткова страна наводно бил Евреин. Бидејќи уцената не му успеала, во 1939 тој ја променил песната и се пријавил во американската морнарица. Некако очекувано, по Втората светска војна го променил презимето во Стујард-Хјустон.
Истата година, можеби за сепак да профитира од својата семејна блискост со фирерот (што би се рекло денес „за пусти лајкови“), тој напишал текст кој бил објавен на цели шест страници во „Лук Магазин“.
Еве извадоци од него:
„Во времето кога тој и татко ми беа многу блиски, Адолф ја потпиша оваа фотографија за мене. Јадевме колачи со шлаг, омилениот десерт на Хитлер. Ми остави впечаток неговиот интензитет, неговите феминизирани гестови. На неговото палто имаше првут“.
„Кога го посетив Берлин во 1931 семејството беше во невоља. Гели Раубал, ќерката на тетка ми (сестрата на татко ми и на Адолф), изврши самоубиство. Сите знаеа дека Хитлер и таа долго време беа интимни и дека таа беше бремена - факт кој го разгневи Хитлер. Неговиот револвер бил пронајден крај нејзиното тело.“
„Објавив некои статии за чичко ми кога се вратив во Англија и веднаш бев повикан во Берлин, каде се сретнав со татко ми и тетка ми во хотелот на Хитлер. Тој беше бесен. Чекореше наваму-натаму, со подивени очи полни со солзи, и ме натера да ветам дека ќе ги повлечам текстовите. Се закани дека ќе се убие ако излезе уште нешто за неговиот приватен живот.“
„Никогаш нема да го заборавам последниот пат кога ме повика. Беше брутално расположен кога пристигнав. Чекореше забрзано, замавнувајќи со камшикот за јавање коњ, истурајќи ми навреди в лице, како да држи политички говор“.
„Лук“ бил конкурент на денес попознатиот „Лајф Магазин“, а излегувал помеѓу 1937 и 1971. Неговата популарност се должела главно на впечатливите фотографии, како и на познатите соработници. Меѓу нив бил Стенли Кјубрик, ангажиран како фотограф од 1946 до 1951.