Нашето оправдување за сите досегашни коректорски грашки

Зошто е тешко да си сам свој коректор?

Чувството го знае секој оној кој манично се труди да нема грешки во неговите текстови. Го ц'цкаш, го препрочитуваш, и го објавуваш сигурен дека не ти се измолкнала ниту една буква. Но првиот читател веднаш ја забележува грешката за која ти при очи си бил слеп.

Коректурата е зафркната работа. Особено ако си ПП (пишувач-педантерија), со суета наштелувана да реагира на критики на оваа тема. Но ваквиот тип грешки не се случуваат затоа што си глуп или невнимателен, објаснува психологот Том Сафорд, кој ги проучува коректорските грешки на Универзитетот Шефилд во Британија. „Кога пишуваш, се обидуваш да пренесеш значење. А тоа е задача која бара многу напор", вели тој.

Исто како и со другите типови сложени активности, мозокот ги генерализира едноставните фази (како претворањето букви во зборови и зборови во реченици) и се фокусира на посложените (како комбинирање реченици во идеи). Притоа ние не ги забележуваме сите детали, не сме наштелувани како компјутери, туку се обидуваме да извлечеме значење од она што го правиме. Кога го препрочитуваме текстот, токму тоа е она што го бараме - ако тој има смисла, тогаш сме раат, без оглед што неколку коректорски грешки се закануваат да ни извадат очи. Причината што не ги гледаме е што она коешто е напишано на екранот се натпреварува со верзијата која постои во нашите глави. И втората често победува.

Генерализирањето е карактеристика на сите посложени мозочни функции. На сличен начин правиме ментални мапи на познати места, правејќи збир од глетки, мириси и чувства поврзани со одреден географски контекст. Понекогаш ова работи против вас, како кога случајно ќе се одвезете до работа а сте тргнале по скара (или обратно), бидејќи возите по инстинкт. Исто е и со текстот - додека се обидувате да го корегирате, вашиот мозок веќе ја знае дестинацијата.

Ова објаснува зошто читателите почесто ги забележуваат грешките - тие го возат патот за прв пат, и обрнуваат повеќе внимание на деталите, без да претпостават кое е крајното одредиште.

Има сепак една интересна појава за оние (како нас) кои пишуваат на тастатура на слепо - знаеш дека си направил грешка дури и пред да погледнеш во мониторот. Дури некогаш на слепо и се корегира, затоа што точно се знае каде е згрешено. Тоа е заради несвесната мапа на тастатурата која ја имаат оние кои куцаат на слепо, чии мозоци инстинктивно се подготвуваат за следниот чекор. Она „одложување" помеѓу сигналот да се притисне на типката и вистинското типкање е моментот кога знаеш каде треба да притиснеш, и кога малку подзастануваш ако не си сигурен. Тоа е, наводно, истиот механизам на прилагодување кој го развивале нашите претци, кога фрлале со копје по диви животни. Го креваш копјето, нишаниш, и во моментот пред да го испуштиш некако знаеш каде ќе заврши. Ако не е кадешто треба, тогаш си го јадел, ама не бизонот.

Значи трикот со избегнувањето на коректорските грешки е да се обидеш да го препрочиташ како да ти е прв пат, некако да се отуѓиш за полесно да му ги согледаш мааните. Пробајте, може функционира и со луѓе.

Музичка илустрација:

 
13 август 2014 - 12:58