Постои изрека на ирски за некој кому му оди добро, која гласи: tá saol an mhadaidh bháin agat, што значи „тој води живот на бело куче“. Во англискиот пак, црното куче се користи како метафора за депресија. Фразата е регистрирана кај многумина, од светски лидери до лексикографи. Но од каде потекнува?
За да разбереме каква врска имаат црните кучиња со депресијата, најпрвин треба да ја согледаме улогата на ова суштество во митот и фолклорот.
Во грчката митологија, Кербер понекогаш е опишан како црн, триглав демонски пес, кој патролира низ Адот за да ги сопре мртвите од бегање - јадејќи го секој оној што е доволно будала да се обиде да го стори тоа.
Во 16 век во Британија црните кучиња биле насекаде. Блек Шак на пример наводно ги тероризирал бреговите на Сафолк и Источна Англија во потрага по човечки жртви - според легендите извршил маскар во цркви една бурна ноќ во 1577. Ваквите примери покажуваат како симболот на црното куче поврзан со пекол и ужас можел да се асоцира со пеколот и ужасот низ кои минуваат луѓето со депресија.
Според некои извори, црното куче на депресијата е родено пред речиси 2000 (човечки) години во древен Рим, во поезијата на Хорациј, син на поранешен роб и пријател на цар Август. Поетот ја знаел важноста на живеењето во моментот - тој е автор на фразата „карпе дием“ или зграпчи го денот.
Но тоа не е единствената позната фраза која ја создал . Во своите „Сатири“, тој напишал: „Ниту едно друштво не е поомразено од она кое го носиме самите со себе - црното куче те следи и со гладните канџи се држи до твоите поли“.
Оваа реченица е така преведена на англиски во 19 век, но модерните истражувачи велат дека латинската фраза која реално ја употребил Хорациј не гласи „црно куче“ туку „мрачен придружник“. Но фактот дека преведувачот, Џон Конингтон, ја употребил истата, можеби значи дека „црно куче“ со вакво значење тогаш веќе бил популарен термин во Англија.
Вообичаено се смета дека прв кој го промовирал изразот во 1755 бил лексикографот Семјуел Џонсон. Но реално тоа била неговата пријателка, писателката Хестер Трејл, која го спомнала црното куче во коресподенција со Џонсон, кога му го опишува подобреното расположение на својот сопруг кој „сега успева да го победи црното куче - го фаќа и со сета сила го врти наоколу“.
Но веројатно никој не е повеќе поврзуван со црното куче од Винстон Черчил, кој се соочувал со депресија многу пред да стане премиер на Британија. Во писмо од 1911 до својата жена Клементина, Черчил издразил надеж дека би му помогнал некој германски доктор, „доколку моето црно куче се врати“ (бидејќи очигледно во тој период се чувствувал подобро).
Низ епохите имало живописни метафори за депресија, односно за длабока меланхолија. Ернест Хемингвеј, на пример, своите депресивни состојби ги споредувал со диви и исто така црни магариња. Рузвелт имал многу попроактивен однос кон „црната грижа“ која според него „никогаш не седи зад јавач чијашто брзина на јаваење е голема“. Со тоа сакал да укаже дека доколку човек се занимава со нешто што ќе му го одвлече вниманието и ќе му овозможи да се движи брзо низ секојдневните грижи, тој може да си помогне во надминување на негативните емоции.