Кога ќе успееме во нешто не сме баш подготвени, или дури сме и засрамени да признаеме дека среќата одиграла улога во тоа. Ја негираме улогата на среќата бидејќи тоа прави да изгледаме како цело време да сме имале контрола над ситуацијата, која без тоа би имала поинаква завршница. Но по истата аналогија, или по принципот „со наш камен по наша глава", кога ќе ни се случи некој малер или несреќа, околината често знае да нè обвини дека тоа не е заради „лошата среќа", туку затоа што се работи за наша грешка. Терани сме да веруваме дека сме одговорни за исходите, но не и за процесот.
Во книгата „Како да имаш среќа: 13 техники за откривање и користење на добрите моменти во животот" (How to Get Lucky: 13 Techniques for Discovering and Taking Advantage of Life's Good Breaks) на англо-американскиот новинар и писател Макс Гунтер од 1986, тој го објаснува овој аспект на воспитувањето на следниот начин:
Сите американски и европски деца (а колку што знам и руските и кинеските) ја учат теоријата за „трагичната грешка" од литературата која им се нуди во гимназија или на факултет. Оваа теорија вели дека во трагедиите на Шекспир, романите на Достоевски или еповите на Хомер, хероите и хероините секогаш си ги предизвикуваат своите невољи, заради некаква маана во нивниот карактер. Но факт е дека треба навистина да се помачиш за да ги најдеш сите тие трагични маани кои наводно стојат зад трагичните настани. Нема доволно докази дека Хомер или Шекспир верувале во оваа теорија. Во Илијадата голем дел од она што се случува е резултат на манипулација на боговите - со други зборови на добра или лоша среќа, која луѓето не можат да ја контролираат. Хамлет како лик нема директна вина за настаните кои доведуваат до тоа сите на крајот на драмата да се мртви. Тоа не е драма за трагични маани. Тоа е драма за лоша среќа.
Инсистирањето на теоријата на трагичните грешки од човечка природа излегува се должи на една битна работа - така драмите и животот добиваат смисла. Ако сето тоа се само малери, тоа е банално. По таа аналогија, исто како што лошата среќа е бесмислена, така е „проста" и среќата, во која нема приказна, туку се сведува на само еден елемент, на кого на овој начин неправедно му се одзема од значењето.