автор: Дејвид Папино, професор по филозофија на Кингс колеџ, Лондон
Jас сум против знаење. Да не ме разберете погрешно: ги сакам фактите како и секој друг. Не ми се драги лажните вести. Повеќе сакам вистина отколку лага. Она за што имам против е специфичен вид знаење, а не вистинско убедување. Знаењето бара од нас повеќе од вистинско убедување, но тоа не вреди. Реално, концептот на знаење е мамурлак од начинот на мислење од камено време, кое одамна си ја надминало својата корисност. Подобро би ни било без него.
Филозофите сакаат да ни укажуваат на тоа дека знаењето го надминува вистинското убедување. За да се забележи разликата, замислете дека сте убедени, без некоја посебна основа, дека коњ по име Медоуларк ќе победи на трката утре во 3:40 во Аскот. Потоа претпоставете дека навистина се случило така. Не би рекле дека СТЕ ЗНАЕЛЕ дека тој ќе победи, само затоа што вашето убедување испаднало вистинито.
Што е потребно повеќе од вистинско убедување за тоа да се смета за знаење? Природно е да се мисли дека вашето убедување треба да биде поддржано од добри причини. Не може да биде само претпоставка која излегува дека е точна. Но и ова не изгледа доволно. Замислете пријател кој ви уплаќа на лото како подарок. Не размислувате многу околу подарокот, затоа што сте убедени дека нема да добиете, со добра причина, затоа што шансите се еден на милион. Излегува дека сте во право, и дека лото ливчето не е добитно. Па сепак, не би рекле дека вие сте поседувале знаење дека ливчето е безвредно. Вашето убедување може било разумно, и вистинито, па сепак изгледа премногу случајно за да се квалификува како знаење.
За оние филозофи кои работат епистемологија (теорија на знаењето), светиот грал е да ја дефинираат природата на знаењето и да објаснат зошто е тоа важно. Но и покрај илјадници и илјадници статии посветени на темата, тие не се способни да склопат добра приказна. Причината е во тоа што тие „лаат на погрешно дрво“. Идејата за знаење е всушност сиров концепт кој сме го наследиле од нашите предисториски предци, и тоа ни претставува голем хендикеп во интеракцијата со модерниот свет.
Пред појавата на модерните луѓе, нашите предисториски предци не знаеле за софистицирани репрезентациски идеи во форма на убедувања. Наместо тоа, правеле груба разлика помеѓу оние мислители кои биле во контакт со фактите, и оние кои не биле. Овој рудиментарен начин на мислење продолжува да живее во концептот на знаење. Но тој веќе не ни е потребен: модерната идеја за вистинско убедување е многу посуптилна и пофлексибилна. Па сепак, архаичниот концепт продолжува цврсто да нè држи врзан за себе, како стар љубовник кого не можеме да го исфрлиме од главата. Ни прави збунки на голем број начини. Навистина треба да заборавиме на знаењето.
Да замислиме дека 100 затвореници вежбаат во затворскиот двор, и одеднаш 99 го напаѓаат чуварот, спроведувајќи план во кој 100-тиот затвореник не учествува. Сега еден од тие затвореници е на суд. Нема дополнителни докази. Вината е веројатна во 99% случаи, невиноста во 1%. Судот нема информации според кои обвинетиот е тој еден, невин затвореник. А не можеш да осудиш некого само врз основа на статистички доказ.
Ова е измислен пример. Но истите прашања се појавуваат во голем број вистински судски случаи, и притоа законот ја следи секојдневната интуиција. Чисто статистички доказ не е доволен. И во прекршочните и во кривичните постапки, обвинетите можат да се осудат само доколку доказот се однесува специфично на нив, а не само ако ги става во некоја генерална категорија во која вината е веројатна.
Иако ова е интуитивно разбирливо, ваквата законска забрана за статистички доказ е необична. Замислите човек кој е осуден бидејќи очевидец го гледа како краде ѓердан. Денес судовите знаат дека доказите на очевидците може да се погрешни, па добро проверуваат пред да ги прифатат. Па сепак, судовите не бараат 100% сигурност, само тоа дека очевидецот воопшто не се сомнева во она што го тврди, што изгледа нешто како (во најдобар случај) 95% сигурност.
Така, често сме подготвени да осудиме врз основа на исказ на очевидец, но никогаш врз основа на чисто статистички доказ. Како тоа 95% исказ на сигурен очевидец е појако од 99% сигурна статистика?
Ова не е работа на бројки. И да имало 1000 затвореници во дворот, или 10.000, пак би било погрешно да се осуди некој само врз основа на статистика. Ниту еден степен на сигурност изгледа не е доволен за статистичкиот доказ. Па сепак никој не сака да им наметне таков апсолутен стандард на очевидците, или на некој друг вид директен доказ. Тоа би значело никој никогаш да не биде осуден.
(...) Речиси сите експерти сметаат дека тука мора да има некоја логика, само треба да ја откриеме. Но и покрај огромните напори, во тоа не е успеано до сега. Јас велам дека тука всушност нема никаква логика. Реално, нашата преференца за очевидци наспроти стастистички доказ не е ништо друго туку одраз на нашата предисториска загриженост околу знаењето. Оваа предрасуда ни го уништува проектот на осудување на виновните и ослободување на невините, и не нуди ништо за возврат.
За да разбереме зошто сме во толкав хаос со статистичките докази, треба да се вратиме на еволутивното потекло на концептот на знаење. Голем број животни можат да дискриминираат помеѓу нешта кои се или не се запознаени со некој факт. На пример, шимпанзите со низок статус можат да разликуваат дали алфа мажјакот може да види некое добро парче храна, што е очигледно од нивното посегнување по него само доколку алфата не може да го види. Во наједноставните случаи, тие се потпираат на опсегот на погледот: дали алфа мажјакот има чист видик, или има некаква пречка? Генерално, животните се чувствителни на тоа дали нешто им го блокира пристапот на други животни до некој факт.
Ваквата основа дискриминаторна способност е примитивната основа за концептот на знаење. Животните со ваквата способност може да ги поделат субјектите на такви кои знаат некој факт и оние кои не го знаат. Но ова сепак не ја вклучува пософистицираната идеја на субјекти кои веруваат во нешто, во смисла на правење внатрешни проценки за она што може да биде вистина или невистина. Како што младите човечки суштества се развиваат, тие стануваат поспособни за вакво порафинирано разбирање. Почнуваат да сфаќаат дека кога станува збор за оние кои не знаат, вреди да се прави разлика помеѓу оние со лажни убедувања и чистите незнајковци. На пример тие може да прават разлика помеѓу оние кои не знаат што има зад некоја карпа и други кои активно веруваат дека таму има банана, иако нема. Субјектите кои имаат лажни убедувања не се само незапознаени со ситуацијата, тие целосно погрешно ја претставуваат.
Ова е многу важен напредок, бидејќи лажните верувачи може да се очекува да се однесуваат повеќе како познавачи, а помалку како незнајковци. Гладен субјект кој лажно верува дека зад карпата има банана може да се очекува да појде натаму, исто како и субјектот кој го знае тоа (дека има банана). Поврзувајќи ги лажните верувачи со соодветните познавачи, со оглед на тоа што обете страни се убедени во едно исто нешто ние, софистицираните човечки суштества, можеме подобро да ги предвидиме нивните дејства.
Еволутивните антрополози се уште се неодлучни околу прецизниот историски момент кога нашите предци ги придодале пофлексибилните категории кон вистинско и лажно убедување кон едноставната идеја на знаењето. Изминатите неколку години се појавија докази дека дури и некои големи мајмуни имаат примитивна идеја за лажни убедувања. Сепак, нема сомнение дека еволутивната приказна започнала со поедноставно разликување на знаење и незнаење, а дека по „фенси“ идејата за убеденост дошла подоцна.
Откако еднаш ја имаме идејата за убеденост, старата идеја на знаење станува непотребна. Ние, модерните мислители, можеме да разликуваме три вида субјекти:
1. Оние чии убедувања се на иста линија со фактите;
2. Оние чии убедувања погрешно ги претставуваат фактите; и
3. Оние кои немаат мислење
и можеме да ги предвидиме нивните дејства соодветно на категоријата. Освен тоа, можеме да ги цените практичните предности на вистинските убедувања, и да се обидуваме нашите убедувања да се вистински. Архаичната идеја за знаење не е потребна за ништо од сето ова. па сепак одново и одново сме подготвени да реагираме врз основа на информација која се вклопува во стереотипот на директно предизвикано знаење, а не на добрата статистика. И ова е лоша идеја.
Целиот текст тука