Ноцебо ефектот е спротивен на попознатиот, плацебо. Кај вториов, луѓето се чувствуваат подобро затоа што веруваат дека третманот ќе им помогне, иако тој е лажен. Кај ноцебо, пак, очекувањето на негативен исход доведува до реални симптоми, иако нема вистинска причина за тоа (види претходно на сајтов тука).
Терминот, и самото научно проучување на ноцебо ефектот, се релативно понови во споредба со плацебото. Името доаѓа од латинското nocebo за „ќе наштетам“, а прв пат е воведен во медицински контекст во 1961 од страна на американскиот лекар Волтер П. Кенеди.
Но вистинскиот „бум“ во интересот за ноцебо-то се случува во последниве неколку години, со оглед на ВИ и подостапниот начин за самодијагностицирање и проверка на информации во врска со ефекти на лекови и терапии. Чет ботовите и разните сајтови поради законски одредби и генерална претпазливост мора да ги нагласат и потенцијалните опасности, иако можеби тие се статистички занемарливи. Ова создава анксиозност, а особено се одразува кај луѓе кои веќе имаат склоност кон депресија и однапред формирани предрасуди за негативни исходи. Оттаму, се појавуваат научни статии кои сугерираат дека генеративната ВИ би требало да се тренира нагласувајќи го емпатичниот тон, засилувајќи ги очекувањата кои се во основа на плацебо ефектите, а намалувајќи го ноцебото.
Ноцебо ефектот сепак не се создава само од информации, туку и од искуства на други луѓе, па дури знаат да бидат и „заразни“: ако гледате некој друг како страда од болка и вие може да ја почувствувате посилно. Тука голема улога имаат и социјалните мрежи. Негативни приказни - точни или не - можат брзо да се шират и да влијаат врз очекувањата на луѓето. Последиците може да бидат сериозни. Луѓето можат да доживеат вистинска болка и непријатност, па дури и да престанат со терапија што им е потребна. На пошироко ниво, ноцебо ефектот може да создаде недоверба кон безбедни технологии или здравствени мерки.