Центарот Хери Рансом на Универзитетот Тексас во Остин поседува збирка циркуски предмети кои датираат од средината на деветнаесетиот век до 1940. Како што пишува историчарката Џанет Дејвис (Janet Davis) во нејзината книга „Доба на циркусот", во тој период патувачкит циркуси биле главните вектори на популарната култура, носејќи со себе нови идеи и кршејќи ги воспоставените културни норми. Кога доаѓал циркус во градот, луѓето се радувале не само затоа што тоа било забавно, туку и затоа што преку него можеле да го помирисаат (фигуративно, а богами и буквално, со оглед на мирисот од кафезите) далечното и мистичното.
Еве дел од споменатата збирка - постери на кои се прикажани тренирани животни и циркуски точки. Некои се од циркусот на Карл Хагенбек, германски дилер со животни и бизнисмен, кој веројатно е најпознат по тоа што ги има редизајнирано начините на кои биле прикажувани животните во зоолошките градини, така за тие повеќе да личат на нивните природни живеалишта. Тој го основал неговиот циркус во 1903, а токму оваа точка со лавот на грб на коњ (слика горе) била најпрепознатливиот белег на неговиот бренд. Истата точка National Geographic ја има регистрирано во 2008 во кинески циркус, покажувајќи дека оваа практика се уште постои.
Сиротите коњи не само што биле/се јавани од кој и да стигне, нив во циркусите дури и ги кревале со заби. Му завидуваме на дечково на вилицата, со која веројатно би можел да крене и бронзен.
Еден од најинтересните постери се однесува на нилскиот коњ кој „поти крв". Всушност, како што е откриено во 2004, се работи за тоа дека црвениот исцедок кој го произведуваат нилските коњи има анти-УВ својства односно претставува природно средство против изгореници.
Следнава точка најдобро ја илустрира симболичката врска меѓу циркусот и политиката - на една сцена таканаречениот професор Бонети спојувал лисици и ловечки кучиња, и тие требало да игнорираат живи кокошки и патки во нивна непосредна близина. Наводно им успевало.