Дури и во најфункционалните бракови има кризи, а ако на тоа се додаде безобѕирна амбиција, нарцисоидност, неверност, мизогинија, алкохолизам и чести промени на расположение, чести карактеристики на оние кои се по професија писатели, се добива рецепт за катастрофа.
Вака ги опишува своите „субјекти“ - пред сè мажи писатели и сопрузи - Кармела Сиурару (Carmela Ciuraru) во својата нова книга „Животите на сопругите: пет книжевни бракови“. Онака како што таа ги претставува работите, станува лесно да се разбере зошто толку голем број бракови на славни писатели биле кратки, бурни и меѓусебно деструктивни, а ова важи особено ако и двајцата партнери биле од истата бранша. По нејзиното читање, вели таа, многу е веројатно повеќе да си ги цениме сопствените партнери.
Така, италијанските автори Елса Моранте и Алберто Моравија никогаш официјално не се развеле, но нивните паралелни успеси довеле и до постепена ерозија на нивниот брак. Иако денес не е толку позната колку нејзиниот сопруг, Моранте била авторка на бунтовни романи за маките на обичните луѓе во времето на поствоената криза, и се наведува како главна инспирација на Елена Феранте. Била бунтовна и во бракот и уживала во расправии кои Моравија пак по секоја цена ги избегнувал, бивајќи обвинет за „неизлечива отуѓеност“. Сиурару го користи овој пример за да покаже дека најголемите предизвици се случуваат кога и сопругата има уметничка амбиција и талент, што може да поттикне не баш креативен натпревар и завист од двете страни. Секако има и исклучоци, а како таков се наведува стабилниот и солидарен брак на Џоан Дидион и Џон Грегори Дјун).
Додуша, работите можат да стојат слично и кога станува збор за брак кој не е хетеросексуален. Маргерит Редклиф Хол (која се потпишувала како Џон) била англиски поет и писател, најпозната по пионерското дело во лезбејската книжевност, „Изворот на осаменоста“ (1928). Таа била во врска со Уна Трубриџ, скулпторка и преведувачка и тие се единствен пар во книгата кој останал заедно до смртта на еден од партнерите. Но тоа што биле геј не ги спречувало да се држат до прилично сексистичко сценарио: една половина („машката“ - се мисли на Џон) ги препуштала домашните обврски на партнерката за да има време да се посвети на пишувањето и на дружењето со тогашната книжевна елита.
Одлуката на авторката да се држи на страна од најголемите ѕвезди помеѓу книжевните сопруги како Зелда Фицџералд или Вера Набокова, плус четирите жени на Хемингвеј, петте на Белоу и шесте на Мејлер, е намерна. Таа сакала да одбере парови чии приказни се помалку познати, иако сите биле сметани за моќни во своето време (меѓу нив и Патриша Нил и авторот на книги за деца Роалд Дал). Необично за своето време, овие жени, кои се мачеле да си го задржат идентитетот во бракот, си ги задржале своите момински презимиња.