„Сексуалните односи почнаа во 1963...некаде кон крајот на забраната на Љубовникот на лејди Четерли и излегувањето на првата плоча на Битлси“, изјавил шегобијно британскиот поет Филип Ларкин. Во реалноста, историјата на човечката сексуалност е многу поинтересна и живописна. Голем број од погрешните претпоставки за сексуалниот живот на нашите предци, а особено на оние од средниот век, се вкоренети во верувањето дека тие живееле во несофистицирано доба на религиски фанатизам и медицинско незнаење. Иако влијанието на христијанската догма е несомнено, сексот од овој период постоел (какво чудо!) и вон брачната постела, иако не секој можел да излезе на крај со неговите последици.
Како што пишува Аеон, ваков пример е оној на францускиот свештеник Арно де Верниол. Еден ден во раниот 14 век, кога Арно бил студент, тој имал секс со проститутка. Кога подоцна се исповедал за овој грев пред Инквизицијата, го изјавил следното:
На времето, кога гореа лепрозни, живеев во Тулуз. Еден ден го направив тоа со проститутка. Лицето почна да ми отекува. Бев ужаснат дека сум фатил лепра, па од тогаш се заколнав дека веќе нема да спијам со жена.
Ваквата приказна не е необична - голем број средовековни мажи добивале несакани „симптоми“ по посета на бордел, главно како резултат на чувство на вина. Но тука секако имало и реален медицински ризик, за кои средовековните власти знаеле, и во однос на кого преземале превентивни дејства: според прописи од 15 век во англиското гратче Саутварк, на пример, не било дозволено како проститутка да работи жена со „горечка болест“ (веројатно гонореа). Знаеле и дека жена која имала однос со лепрозен можела самата да не заболи, но дека може да ја пренесе болеста на следниот со кого ќе има однос. Објаснувањето било дека пенисот на здравиот маж на тој начин би дошол во контакт со „испарувања“ од семето на неговиот претходник, кое чучи и чека во матката на жената.
Англискиот лекар Џон од Гадесден сугерирал неколку превентивни мерки за мажите мераклии, доколку имаат однос со жена за која се сомневаат дека е лепрозна. Тие требало да си го измијат пенисот колку што е можно побргу, или со сопствена урина или со мешавина од оцет и вода. Требало и да си пуштат крв кај луѓе задолжени за ваквата процедура, како и три месеци да минат низ процес на прочистување и лекување.
Средовековните лекари за вистински медицински проблем го сметале и преголемото количество секс. За голем број благородници се сметало дека умреле од сексуално претерување. И ова повторно било медицински објаснето со нарушувањето на системот на четирите течности (крв, лимфа, црна жолчка и жолта жолчка). Регуларните сексуални односи оттаму биле дел од здравиот живот на секој маж, кој на тој начин го одржувал во ред нивото на семе, но сепак ова требало да се држи под контрола - премногу секс можело да го исцрпи телото.
Додуша, истото важело и за премалку секс - целибатот бил сметан за потенцијално опасен по здравјето, особено на младите мажи. Претераното количество семе во организмот можело да влијае врз срцето, а преку него и на другите делови на телото. Целибатот предизвикувал и главоболки, вознемиреност, намалување на тежината па дури и смрт. Иако неженството се сметало за висока духовна вредност, медицинарите не го советувале.
Кралот Луј VIII, на пример, инсистирал да остане верен на жена си додека војувал во крстоносните војни, од 1209-29. Вообичаеното мислење е дека неговата смрт се должи токму на ваквата одлука. Според 12-вековниот нормански поет Амброзиј, апститенцијата си зела голем број свој жртви.
Од глад и болест
повеќе од 3000 беа покосени
во опсадата на Акра и во градот
Но според она што го чув од аџиите
стотици илјади мажи умреле таму
затоа што од жени се чувале.
Ако некој сепак бил упорен во немањето секс, тогаш морал да внимава што јаде, затоа што начинот на исхрана директно влијаел врз сексуалната желба. Топлата храна или вино, заради близината на стомакот до гениталиите, го топли целото тело и предизвикува поголемо лачење семе. Истото важи и за некои видови храна, како месо и јајца, но и грав кој го дуе абдоменот и другите блиски органи. Прејадениот калуѓер сакал-нејќел мислел на секс, па оттаму и постот како практична стратегија за самозаштита и од „валкани“ мисли и од здравствени проблеми. За калуѓери биле советувани солената риба, зеленчукот во оцет и студената вода.
За оние кои заради нешто сакале или морале да одбегнуваат секс биле препорачувани и анафродизијаци, како на пример силен и горчлив чај направен од зимзелена грмушка „рута“ (на хрватски: смрдљива рутица). Истиот го препорачувал и докторот од 11 век, Константин Африканецот, а два века подоцна и Петар од Шпанија, единствениот лекар кој станал папа.
Но на проблемите со целибатот не биле изложени само мажите, туку и жените. Според тогашната теорија, обата пола произведувале семе неопходно за зачнување, па и она женското требало да биде исфрлено. Ако жената не била сексуално активна, семето се таложело и можело да предизвика „гушење“ на матката. Жената паѓала во несвест, а можела и да умре. Најдобар начин да се одбегне ова било таа да си се омажи и да има регуларни односи со сопругот. Но ако тоа не било можно за неа важело истото со храната, а некои лекари препорачувале дури и мастурбација, иако црквата ја забранувала. Но затоа пак дури ни таа немала ништо против „генитална масажа“, која на жените би им ја вршело стручно лице или помошничка. „Ако жената има вртоглавици заради немање сексуални односи, тогаш бабица може да и стави прст во вагината намачкан со масло од крин или ловор, и забрзано да го движи“, советувал лекар со очигледно клиничко искуство во овие работи.
И денес, како и во средниот век, сфаќањата за сексот се моделирани од често конфликтни здравствени грижи, социјални притисоци и лични афинитети. Сексот и во 21 век е и задоволство, и проблем. Ама па нема таков кој не е решлив со прст и малку масло..