Кој знае како му било на Наполеон кога сфатил дека Британците ќе го изолираат на остров среде Атлантикот, на скоро 2000 километри од најблиското копно на западна Африка. Кога пристигнал, на 15 октомври 1815, бил сместен во куќа која била многу студена и полна со стаорци.
Тој, како и илјадници други, бил магепсан од пигмент познат како „Шиле зелена“ наречен според Карл Вилхелм Шиле, германско-шведски фармацевтски хемичар, кој го открил прекрасниот, но отровен зелен пигмент, кој е всушност бакар водород арсенат (CuHAsO3). Тоа е жолтеникаво-зелен пигмент кој кога прв пат се појавил, како замена на помалку живите зелени бои од средината на 1770-тите, бил користен за вештачки цветови, свеќи, играчки, сапуни и тапети. Исти онакви тапети со кои Наполеон ги обложил просториите во кои престојувал.
Еден месец пред да умре, тој го напишал следново: „Мојата смрт е прерана. Бев убиен од англиската олигархија и нивниот најмен убиец“. Со оглед на тоа што имал 51 година, неговата забелешка е на место, но наместо Британците, виновник за смртта можеби била токму бојата, која била користена и поради тоа што арсенот ги бркал стаорците. Под влијание на влага и мувла, пигметот метаболизирал, испуштајќи отровни гасови.
Документираните здравствени проблеми кои ги имал некогашниот цар вклучувале отечени нозе, стомачни болки, повраќање. Слична била состојбата на фабричките работници, како и на цвеќарите, кои работејќи со оваа боја страдале од необјасниви умртвувања на делови од телото, чирeви и рак. Кројачките имале позеленети прсти кои по некое време им се вкочанувале, а во текст во списанието The Paris Review е опишана судбината на 19-годишна цвеќарка од Лондон, која починала во 1861, чии последни денови минале во агонија - таа повраќала зелена вода, белките на очите ѝ позелениле, а на докторот му велела дека пред себе гледа зелена измаглица. Аутопсија потврдила дека арсенот ѝ влегол во стомакот, белите дробови и џигерот, а сето тоа од прашокот кој го истурала врз цвеќињата за тие да бидат сочувани во оригиналната форма и по сушењето.
Дека проблемите со отровноста на боите е актуелен и денес покажуваат најновите забрани во оваа смисла, на пигменти за тетовирање.