„Влегувам во мојата петта година на постојана употреба на хероин“, пишува д-р Карл Харт во својата нова книга - „Употреба на дроги за возрасни“ (Drug Use for Grown-Ups). Тој има 54 години и е професор по психологија на Универзитетот Колумбија. Ваквата комбинација, некој да е професор а истовремено отворено да изјавува дека е корисник на дроги, е многу ретка. Уште повеќе кога станува збор за хероин, кој според општиот консензус е најлошата од дрогите, од која полека но сигурно се умира. Како е можно да си регуларен корисник, а да предаваш на престижен универзитет и да изгледаш како ништо да не се случува? И зошто воопшто некој би признал вакво нешто?
Харт, кој можеби има некаков супер-организам отпорен на последици на наркотични дроги, децидно вели дека нема проблем со дрогата и никогаш немал. Секој ден ги извршува своите родителски, лични и професионални обврски. Плаќа даноци, волонтира во заедницата и е информиран и активен граѓанин. Нему - и секако тој инсистира дека зборува исклучиво самиот за себе - дрогата му помага да се социјализира, да се поврзе со другите, а не да се изолира и физички и ментално да пропадне.
Да станува збор за некаков хипи-уметник или „отпадник“ ова би поминало можеби незабележано. Но ова е човек чија област на експертиза е невропсихофармакологија - проучување на невролошките и бихејвиоралните ефекти на дрогите врз луѓето.
Според него нема многу други области од модерниот живот кои се толку полни со дезинформации и хипокризија како рекреативната употреба на дроги. Но под целата морална дебата лежи едно суштинско научно прашање: дали рекреативните дроги се самите по себе штетни? МДМА, кокаин и хероин се толкуваат како катастрофални по поединецот и заедницата, и со тоа забраните кои важат за овие дроги се засилуваат. Но што ако тие не се толку штетни како што тоа го тврдат властите, а штетата всушност произлегува од сиромаштијата и криминализацијата, а не од психоактивните ефекти?
Во самиот вовед Харт вели: „Во текот на мојата 25-годишна кариера, открив дека повеќето сценарија на користење дрога предизвикуваат мала, или воопшто не предизвикуваат штета, а разумната употреба е всушност во корист на човечкото здравје и функционирањето“. Ова нему му овозможува почесно да си го живее животот, а дали ова ќе трае и кои се ризиците ќе покаже времето.
Гардијан објави интервју со Харт, во кое тој детално зборува за дрогите како за форма на граѓанска слобода - како што некој може да се залага за слободно носење оружје, така тој верува во правото да се земаат дроги. Ниту едното ниту другото не би требало да биде штетно ако се прави одговорно.
Секако проблемот е кога случајот е обратен. Тој се сложува дека мора да има возрасна граница, како и некој вид тест на компетенција, исто како при возачки испит. Предлага да се воведе испит за да се добива дозвола за купување индивидуални дроги.
На крајот на интервјуто Харт сопштува дека ќе се сели во Швајцарија, која според него има најпрогресивна политика во врска со дрогите. „Само сакам да бидам оставен раат на мирно, досадно место“, вели тој.