Ифрит (понекогаш и африт) е моќен вид демон во исламската митологија. Тој се поврзува со подземниот свет, со духовите на мртвите и наликува на европските зли заштитници на конкретни места (genius loci). Всушност „ифрит“ е повеќе придавка, опишувајќи лукави и злонамерни карактеристики на „џинови“, широк спектар различни духови односно натприродни суштества.
Ифрит-от се спомнува во Куранот, на пример во Сура 27:39, Ен-Немл (македонски превод, Хасан Џило):
„Еден ифрит од џиновите рече: ’Јас ќе ти го донесам пред да се исправиш од местото твое. Јас сум за тоа, навистина силен и доверлив“,
ветувајќи му на Соломон/Сулејман дека ќе му го донесе престолот на кралицата од Саба.
Во исламскиот фолклор, пак, ифритот населува едно од нивоата на „седумте земји“ или кругови на пеколот, а се формира од чад и оган. Додуша тој не мора секогаш да има злобни мотиви, но во секој случај е насилен и безмилосен.
Ифритот се среќава и во исламската книжевност, поезијата и прозата. Во приказна од „Шехерезада: 1001 ноќ“ под наслов „Носачот и трите млади жени“ (превод на македонски Цветко Мартиновски, издание на Култура 1992), еден принц е нападнат од пирати и успева да се скрие во подземна просторија во шума, која води до убава жена која била киднапирана од ифрит. Принцот спие со жената и обајцата се нападнати од љубоморниот демон, кој го претвора принцот во мајмун. Подоцна принцезата успева да го врати саканиот во првобитната форма, борејќи се со ифритот, кој менува форми и се претвора де во животно, де во овошје, де во оган, додека не се претвори во пепел.
Како митолошко суштество ифритот е користен во видео игри, серии, како и во дело на Нил Гејман (American Gods, 2001), каде ифритот е преправен во таксист, кој се обидува да најде пријатели во свет во кој се чувствува осамен и отуѓен. Ифрит е, оти не го сакаат.