Во текот на оваа година, голем и познат бенд како „Блек кис“ се најде на насловните страници кога мораше да откаже цела американска турнеја поради катастрофално ниската продажба на билети. Истото ѝ се случи на Џенифер Лопез, која и покрај тоа што ја ребрендираше турата како „најголеми хитови“, сепак ја откажа. Ако името не почнува со „Тејлор“ и не завршува со „Свифт“, продажбата на карти за концерт не е толку сигурна како некогаш.
Но ако сте подкастер, приказната може да е различна. Во Британија, на пример, Алистер Кембел и Рори Стујард, едниот ториевец другиот од кај лабуристите, водители на мега-популарниот подкаст „Останатото е политика“, успеаа да ја наполнат огромната 02 арена, истата онаа која ги има угостено поп ѕвездите како Мадона или Доџа кет. На почетокот на летово, комичниот подкаст ShxtsnGigs исто така наполни сала со 20.000 седишта. Подкастерите се веќе и на програмите на големите музички фестивали (како Rеading and Leeds). Како овој навидум некомпатибилен формат ги зазема сцените низ светот?
Собиранките на фановите на одреден подкаст секако не се новина. Интимноста на медиумот прави редовните слушатели да се чувствуваат како да се познаваат со водителите, а често им се дава и можност и самите да сугерираат теми или да придонесуваат кон содржините. Така се гради една „парасоцијална“ врска помеѓу слушателите и креаторите, но и помеѓу самите слушатели коишто ги спојува интересот за истиот подкаст. Работата е што сега од дружба во живо на малите заедници фанови се преминува во побројни и поголеми настани, кои се некој вид „конвенции“ на обожавателите, но и место на кое водителите можат директно да ги регистрираат нивните реакции, како да си прават муабет со публиката. Бидејќи таа не е иста во различни земји и градови, така и содржината на конкретниот настап се менува, а дозволува и користење визуелни илустрации.
За разлика од музичарите кои сепак се сметаат за недопирливи, подкастерите се доживуваат како „луѓе од народот“, кои послободно го кажуваат она што го мислат, зборувајќи во етерот понекогаш и секој ден. Ова е многу повеќе отколку артист кој објавува песна или албум на големи интервали.
Особено после короната настаните во живо доживуваат зголемена популарност, па на таа сметка расте популарноста и на подкастите изведувани пред публика. Попознатите подкасти, како This American Life, пробуваат и покреативни верзии, како правење мјузикл и театарски едночинки од реални епизоди (за што пишувавме тука)