Она што звучи како весела наполитанска песна, со познатиот рефрен „Фуникули, фуникула“, всушност е авторско дело на композиторот Луиџи Денца, кој песната ја напишал во 1880 во местото Кастемаре ди Стабија, неговиот роден град. Стиховите биле на новинарот Пепино Турко, кој го поттикнал Денца, веројатно на шала, да ги придружи со музика, за да го одбележи пуштањето во употреба на првата жичарница („фуникулер“) на планината Везув. Истата година таа е изведена на музички фестивал во Италија и набргу станала вистински хит. Бидејќи носачи на звук уште немало, нотниот запис за кратко време се продал во над милион примероци.
Од тогаш е препејувана од бројни италијански изведувачи (Марио Ланза, Павароти, Бочели), но и од странски изведувачи како Кони Френсис, па дури и од „Грејтфул дед“, кои ја изведувале како мелодија за штимање. Има и јапонска и холандска верзија, а се појавува во куп филмови, цртани и видео игри.
Со песната е врзан интересен случај на ненамерно плагијаторство. Германскиот композитор Рихард Штраус ја слушнал додека бил на турнеја во Италија шест години откако е напишана. Мислел дека е традиционална наполитанска песна и ја вклучил во својата тонска поема „Од Италија“ (Aus Italien). Денца поднел тужба против него и го добил случајот, со што Штраус морал да му отплати отштета.
Но тој не бил единствениот - и рускиот композитор Николај Римски-Корсаков ја искористил во својата „Наполитанска песна“ од 1907, повторно сметајќи дека станува збор за фолклор.
Eве дел од стиховите, во слободен превод:
„Се искачив високо ноќва, о, Нанета
Дали знаеш каде? Дали знаеш каде?
Онаму каде ова неблагодарно срце веќе не ме боли.
Каде горат огнови, но ако побегнеш ти дозволува да одмориш.
Не те следи и не те мачи, само фрли поглед.
(рефрен)
Да тргнеме! До врвот!
Со жичарата нагоре, со жичарата надолу!