Ако не сте - дисклејмер: следниот текст содржи жаргон кој можеби нема да го разберете. Па сепак, прочитајте го. Поучен е.
Можно е да се има јасен став кон Твитер, ама само ако не си внатре. Само неколку работи можат да изгледаат полошо, поповршно или поопасно отколку оваа лизгачка самоубиствена порака на Западната цивилизација. Никогаш повеќе од 140 карактери во една порака? Изгледа дека човечкиот опсег на внимание се распаѓа како римски аквадукт. Бескрајно фејвување и ретвитање? Изгледа како дигитален идиотски круг. Птиците се родени за да прават повторливи, пријатни и безначајни звуци наречени 'твитање' (црцорење). Нели целава работа околу нас, безпердувните двоножци, беше дека сме способни на поврзаните, препознатливи звуци да им даваме кумулативна смисла?
Корисникот кој е веќе на Твитер има помешани чувства. Во најдобрата смисла, Твитер фасцинира и подучува. Некој, најчесто некој од кого тоа не би го очекувале, го кондензира духот на светот во супер виц, епиграм или изрека. „Како не ми текна ова?", си мислите, и го фејвате твитот. Или, „Леле, колку е смешно", и го ретвитате. Баш фино ако во целиот тој рикошет на ретвитови луцидниот испаднете баш вие! Што се однесува до образованието, можете да научите многу од Твитер. Вашите Фејсбук пријатели или оние кои ги следите на Твитер можат да ви препорачаат што треба да прочитате, слушнете или видите. Но дали сте пријатели со познатите заштитници на животната околина, кои твитајќи ја во живо апокалипсата ве известуваат секогаш кога некоја нова локација постигнува рекорд во жештина во март? Или со Лудвиг Витгенштајн, чиј дух има фид? Образование е ако следите експериментален поет во Калгари опседнат со дигитализацијата на уметноста, или Окјупаер кој известува секогаш кога некој од неговите пријатели е нападнат од полицијата. Твитот е тесно подрачје, но никој не вели дека тој не може да одрази - или, преку компресирање на урл-та - да ве поврзе со поширока територија.
Но ако го погледнете тајмлајнот во погрешниот момент, или ако самите испратите глуп твит, со тоа се одврзува една лоша бесконечност, која е поттикната од нарцистичкото. Што твит е тој кој светка, потсвесно, зад сите останати? Во точно 140 карактери: „Имам толкава потреба да бидам забележан што не можам да ти посветам внимание освен ако тоа не е поврзано со мене. Знам дека за тебе е исто". На овој начин огромна толпа луѓе - 40% минатата година - се потценуваат еден со друг, преку тоа што секој себеси си доделува значење, а му го ускратува на другиот. Како што изјави Лена Данхам (авторка на серијата Girls на HBO) раскажувајќи дека нејзиниот татко смета дека Твитер е „бескрајно отуѓувачки": „Тој вели 'И зошто би сакал да му кажам некому што сум ужинал, тоа е лична работа', а јас си викам, 'А зошто би сакал воопшто да ужинаш ако не го кажеш тоа некому? Зошто да се мачиш да јадеш?"
Оваа приказна сатирично го обвинува, но и го оправдува споменатиот нарцистички симптом. Кога во 1930. Бекет напишал дека е целосно нелогично да се очекува утрешното јаство да биде збогатено од денешното искуство, тој бил сигурен дека никој не очекува нечиј сендвич да ја задоволи гладта на другиот. Тоа било тогаш. Голем број луѓе на Твитер денес мислат дека уживате во спектаклот на нивните ужини. Тие ви кажуваат што јадат, каде одат, што консумираат, не дека е важно зошто тоа би ви значело. Или - очигледно спротивен жанр на хипер-баналниот твит, но идентичен според ефектот - кога некој твита нешто задскриено до степен на бесмисленост. Тоа е твит кој вели, што и да е конкретната содржина: „Немам што да кажам, но по секоја цена сакам да кажам нешто".
Веројатно токму автоматизмот и опсесивноста е она што депримира. Бидејќи друг вид лош твит е оној кој всушност би бил прилично добар ако твитерџијата не го сфател како начин на себепромоција. Имате човек кој има смисол за хумор, но тој калцифицира во хуморист, или луциден човек кој се претвора во кажувач на вицеви. Тоа може да биде забавно, речиси Дикенсовски, кога некој фиктивен аватар има тесна, карикирана личност. Многу помалку смешно е кога некоја вистинска личност, веројатно повеќекратен херој на сопствениот живот, одлучува да кажува само еден вид работа, и да ја кажува цело време.
Подемот на Твитер се одвива среде поевтинувањето на јазикот, и во добра и во лоша смисла..
Економското поевтинување на дигиталното издаваштво го демократизира изразувањето и обезбедува неопходна публика за писателите и за видовите пишување кои инаку би биле ограничени на хард драјвот и на фиоките. Па сепак, неодоливата леснотија на качување зборови онлајн отвара огромно ново подрачје за неодговорноста, збрката и „штоеидаизмот". Вон Твитер тоа демне врз цели генерации прозаисти. Не може да звучиш современо и реално ако не изгледа дека пишуваш во овој дискурс - набрзинка и „од ракав". Набргу, ако тоа веќе не се случило, ќе изгледа претенциозно, елитистички и старомодно да се пишува што и да е, каде и да е, со внимание и грижа.
Сепак, нема голема поента во жалење за прекумерното твитање на премалку влијателните. Едноставно - отследете ги. Но двојната страна на Твитер го истакнува и она што најмалку се очекуваше од интернет: оживувањето на епиграмот или афоризмот, повторното раѓање на книжевните доблести на краткост и безличност.
Ова значи дека Твитер, кој е официјално микроблог платформа, во практика често функционира спротивно од блог. Твитот е секогаш твит, и не треба да се очекува нешто повеќе од тоа. Сепак, Оскар Вајлд, Кафка, Сиоран - сите тие би биле одлични твитерџии денес. Така, Твитер не мора да биде нашироко признаен како корисен само затоа што ги освежува податоците за вестите и револуцијата и затоа што обезбедува просветлувачки линкови, смешки и цинични забелешки. Тој исто така има поттикнато емпиграмски импулс во книжевната култура, која инаку го вреднува само крајно личното и супер-колоквијалното како парадигма на автентичноста. „Пишувај најкратко што можеш/За она/Што навистина значи", советуваше Џон Бериман во еден пред-твит од 44 карактери. Фејвувајте го ова.
Извор: n+1