Од 1995 наваму, љубителите на авантурите на шестгодишниот Калвин и неговото замислено другарче, тигарчето Хобс, по сто пати ги имаат препрочитувано истите стрипови. Нивниот автор, Бил Вотерсон, од тогаш како да исчезна - како и тој да беше само производ на богатата фантазија на Калвин. Ретко даваше интервјуа, од време на време ќе излезеше информација дека тајно неколку денови заменувал колега, се бунеше за пиратирањето на своите цртежи. Но неодамна се појави официјална објава за негово прво поголемо дело по речиси 30 години. „Мистерии“ ќе биде богата илустрирана „приказна за возрасни“.
Барем според насловната страница, изгледа дека ова ќе биде нешто сосема различно од „Калвин и Хобс“, резултат на тоа што Вотерсон во текот на овие децении сликал и се занимавал со други форми на уметност, па оттаму е некако и логично што ова сега сака да го сподели со својата публика.
Иако го бие глас дека е „чурук“ и не сака да се дружи со луѓе, според оние кои го познаваат, Вотерсон всушност само одбегнува да биде во центарот на вниманието и сака делото да зборува само по себе. За многумина тоа е и доволно - неговите книги се имаат продадено во над 50 милиони примероци, а целата колекција „Калвин и Хобс“ (чии горди сопственици сме) ја доби необичната чест да биде најтешката книга (буквално, во килограми) која се нашла на бестселер листата на Њујорк Тајмс. Од започнувањето на стрипот во 1985, читателите уживаа во авантурите на имуплсивниот Калвин и неговиот шарен внатрешен свет во кој Хобс е реален, а не само плишана играчка. Од денешна гледна точка, стрипот е уште повреден бидејќи не е замаглен од поп-културни референци и нема ни збор за интернет и мобилни телефони. Па сепак, сите предизвици и смешки во него се разбирливи и универзални.
Претседателот на „Ендрјус МекМил“, издавачот на новата книга, како и на оние со Калвин и Хобс, не соопштува многу, но вели: „Некој кој може да ги создаде брилијантнтие Калвин и Хобс - кој знае што уште крие во ракавот?“