Кои се правилата за водење лефтерен муабет? Како по секоја цена да одбегнеш колега кој се вози во истиот автобус за накај работа? Зошто се смета за дрско ако некој си направи чај само за себе?
Британците очигледно имаат многу нешта на кои треба да внимаваат штом еднаш го напуштат куќниот праг, без оглед дали патот ги води до најблиската пиљара или до Карибите. Британската телевизиска серија „Ептен британски проблеми“ (ЕБП) која се емитува на Канал 4 го дисецира специфичниот британски менталитет, кој по изгледана прва сезона ни делува прилично несреќен со самиот себе. Актери, комичари, музичари, фудбалери, сите Британци, отворено зборуваат за сопствените фрустрации од тоа како си го комплицираат животот, само затоа што не можат да се однесуваат поинаку од „британски“. Од серијата до сега се произлезени и две книги, па дури и..хм...друштвена игра.
Повеќето од фрустрациите на Британците произлегуваат од контактот со други луѓе, особено со такви кои се во околината не по избор на оној кој мора да ги трпи - случајни минувачи, сопатници во градскиот транспорт, но и колеги и соседи. Нормата вели дека кон сите нив еден Британец треба да се однесува како џентлмен (или како дама), што во голем број ситуации значи само потиснување на гневот и незадоволството, наместо едно нормално и искрено терање во британска бестрага.
Одбегнувањето други и поинакви луѓе е уште понагласено кога станува збор за странци, со кои е тешко да се разбереш дури и ако зборуваш ист јазик - англискиот. Зборови и цели концепти кои ги дели цел океан (недо)разбирање помеѓу Британците и Американците на пример, има многу, но два примера се особено интересни, затоа што се прилично чести - „молам“ и „извини“.
Со оваа тема се занимава епизода од еден од најдобрите подкасти за 2016 според изборот на Њу Стејтсмен, The Allusionist, кој го прават две лингвистки, од кои едната е Британка, а другата Американка која живее во Британија. Според втората, Британците двојно повеќе го користат зборот „молам“, што по некоја логика би требало да значи дека тие се и двојно пољубезни од Американците. Но работата воопшто не е толку едноставна.
Американците „молам“ главно го користат во комуникација со деца, како начин љубезно но одлучно да им кажат што треба да се направи, односно за нешто да им наредат. Ако истото некој го примени на возрасен, тоа може да значи или дека се обидува да доминира, или обратно, дека покажува субмисивност, молејќи за услуга. Кога Американец нарачува во ресторан не вели „молам“ на крај од реченицата, бидејќи неговиот однос со келнерот не е однос на љубезност за услуга, туку нарачката е проста информација која нему му овозможува да си ја заврши работата.
Британците „молам“ и „извини“ ги користат толку многу и толку често, што кога навистина од некого бараат поголема услуга мораат да употребат сто други зборови, за нивната молба да биде очигледна („дали можеби би сакал да ми услужиш..“, „знам дека ова е можеби премногу, но...“). А нивното „сори“ е пасив-агресив, и го кажува дури и човек на кого му е стапнато на нога, како божем неговото стапало да е виновно што се нашло на патот на згазнувачот.
За среќа во македонскиот „извини“ и „молам“ се користат толку ретко што не мора многу да кршиме глава околу нивната употреба. Иако „молааам?“ или „извини, рече нешто?“ можат да имаат голема семантичка тежина, посебно ако ги изговара жена.