Вуди Ален: „Моите филмови се како кинеска храна"

Ален нема лично да ја прими наградата за животно дело Сесил Б. Де Мил на Златните глобуси кои се одржуваат овој викенд. Ќе биде во Њујорк, и најверојатно ќе гледа кошарка на телевизија.

Наместо него наградата ќе ја прими Дајан Китон, која доби и Златен глобус и Оскар за нејзината улога во „Ени Хол". Наградите не го интересираат, но уште го интересира да снима филмови и да разговара за нив.

Како да му дадеш признание за животно дело на некого кој и на 78 години не покажува намера да се пензионира? Вака почнува интервјуто со него во Лос Анџелес Тајмс направено ден по Божик. На коментарот дека „Тажната Јасмин", неговиот последен филм е истовремено и ист и различен од другите, тој одговара:

„Постојат теми кои се појавуваат цело време. Истите прашања, во една или во друга форма. Има 100 различни јадења кои Кинезите ги јадат, но на крајот сето тоа се вика 'кинеска храна'. Сепак, постои јадење со свинско, со морски плодови, сите тие се различни на менито, но на крај кажувате дека сте јаделе кинеска храна. На истиот начин можете да размислувате за моите филмови".

Поводот за неговата посета на Лос Анџелес само неколку недели пред церемонијата на Златните глобуси бил настап со неговиот џез бенд на Универзитетот Колумбија, што многумина го сфатиле како блага иронија - може да дојде во градот за свирка, но не и по наградата. Всушност, тој размислувал целосно да ја одбие, но откако го убедиле дека тоа ќе се одрази лошо врз филмот сепак прифатил.

„Тажната Јасмин" го опишува падот „од коњ на магаре" на една жена (Кејт Бланшет) од пребогатите бизнис кругови на Њујорк, која во напад на љубомора си го пријавува сопствениот маж (Алек Болдвин), кој всушност ја издржува, за нечесни бизнис зделки. Тој завршува во затвор каде се самоубива, а таа доживува нервен слом и губи сè, вклучувајќи го и статусот во високото општество. Приморана да живее со нејзината сестра и нејзиното „сељачко" друштво (во кое спаѓа и продавачот на аудио опрема, кој го игра Луис Ц. К.), таа ги зафркнува шансите за нов живот, не наоѓајќи сила да се помири со нејзината нова ситуација.

Приказната на многумина им асоцирала на онаа на пропаднатиот финасиер Бернард Мадоф и неговата жена Рут, а пак други нашле поврзаност со „Трамвајот наречен желба" на Тенеси Вилијамс. Ален ги отфрла овие асоцијации и вели дека единственото нешто што го интересирало бил психолошкиот распад на жената, а не рецесијата, економијата или Вол Стрит. Критичарите пак велат дека ова е „најсоцијалниот" филм на Ален во долг период, кој функционира и во нашиот, а не само во неговиот свет.

Најголемите негови влијанија биле Бергман и браќата Маркс. А Њујорк Тајмс неодамна објави детален дијаграм врз кого сè влијаел Ален, иако самиот е убеден дека неговата улога во формирањето на ликот и делата на помладите режисери е никакво.

 

Следниот филм ќе му се вика „Магија под месечевата светлина", а ќе глумат Колин Фирт и Ема Стоун. Се работи за романтична комедија која се одвива во јужна Франција во 1920-тите. Тоа е речиси сè што се открива во моментов, иако упатените велат дека кога Ален завршува еден филм тој веќе има снимено и монтирано уште еден, па оттаму веќе има доволна дистанца кон претходниот производ за да не го тангираат критиките. Всушност тој нема прочитано осврт кон негово дело или статија за него повеќе од 40 години.

11 јануари 2014 - 10:37