„И дали го доби
она што го сакаше од овој живот?
Го добив.
А што сакаше?
Да се наречам сакан,
да се почувствуван љубен на Земјава"
Ова се стихови од песната „Доцен фрагмент" (оригиналот тука) од збирката шеесетина песни на Рејмонд Карвер „Нов пат кон водопадот" , негова последна книга, објавена пред смртта во 1988. Врежани се на неговиот надгробен споменик, но послужија и како вовед во филмот кој неодамна беше награден со Оскар, „Човек-птица" на Инариту.
Каква врска има филм за еден остарен и несреќен актер, прогонуван од огромен суперхерој со пердуви, кој тој некогаш го играл, со Рејмонд Карвер? Тој - филмот - го следи процесот на правењето претстава, која ја режира и во која игра главниот лик Риган Томсон (Мајкл Китон). Таа пак се поставува врз основа на еден од најпознатите раскази на Карвер, „Што зборуваме кога зборуваме за љубовта?".
Расказот се одвива во тек на вечера чии домаќини се еден кардиолог и неговата жена. Постепено се открива дека сопругата, Тери, била претходно мажена со некој опасен човек, кого го сакала, иако тој ја малтретирал и тепал. Но Карл, нејзиниот сегашен маж, инсистира дека тоа е не било, ниту пак може да е љубов, и во замена нуди приказна за една вистинска приврзаност - пар старци кои биле негови пациенти после сообраќајка, на кои оздравувањето им зависело дали се еден покрај друг, бидејќи никогаш во животот не биле раздвоени повеќе од неколку денови. Ова е верзијата на „Што зборуваме кога зборуваме..." на Карвер пред да биде уреднички, според едни „стокмена", според други „искасапена" од уредникот на збирката во која е излезен расказот, Гордон Лиш. А и оригиналната верзија има друг наслов, и се вика „Почетници".
Ова е важно затоа што претставата којашто ја подготвува екипата во „Човек-птица" е одраз на втората, едитирана верзија, во која има многу гнев, пцуење и мелодрама, елементи кои ги нема во првата. Оттаму оние на кои филмот им е драг, ама Карвер им е помил, го сметаат овој потег на Инауриту за „евтин" и контрадикторен на неговата наводна приврзаност кон ликот и делото на Карвер. Самиот автор ги презирал промените на Лиш (подетално околу нивното пријателство и конфликт околу редакцијата на книгата тука), па неговата вдовица, Тес Галагер, по неговата смрт го замолила издавачот да ја резидаде збирката онака како што тој си ја замислил.
Ова Инариту не можел да не го знае, особено затоа што имал четворица соработници/истражувачи кои работеле на сценариото. Ним едноставно повеќе им одговарала театралната верзија на Лиш. Нивната логика: Што е битно што напишал Карвер? Ние правиме филм! И тоа си е во ред, сè додека не се инсистира дека истовремено му се оддава почит на автор којшто всушност излегува дискредитиран.
Поднасловот на филмот е „Неочекуваната доблест на незнаењето", а тоа е мотив којшто го опседнувал и Карвер. Една од неговите омилени сцени е од расказ на Чехов, во која еден лик вели дека „одеднаш сè му станало јасно", зборови кои според Карвер се исполнети со чудесност, и кои отвараат различни можности. За да уживате во „Човек-птица" сепак не мора да знаете многу за Карвер, на кого и така одамна сè му е јасно.
Прочитајте ја ТУКА неговата оригинална верзија на „Што зборуваме.." и ако сте го гледале филмот веројатно ќе ја забележите разликата.