Пред скоро 30 години во училница на Институтот Јунг во Еванстон, Илиноис, доктор Мареј Стајн одржал серија предавања посветени на Карл Јунг, при што ги кондензирал неговите теории во формат достапен на студентите и на почетниците во психоанализата.
Неговиот курс потоа станал книга - „Јунговите мапи на душата“, која сега се смета за еден од најдобрите воведи во концептите на аналитичката психологија, со 15 изданија на англиски, а преведена на десетици јазици.
Токму оваа книга е основата на последниот албум на јужно-корејскиот поп феномен BTS, кој не е чудо доколку се најде на првото место на топ-листите од обете страни на Атлантикот оваа недела. Најпрвин бендот ја препорачал на својот сајт, а подоцна на албумот вклучил стихови кои навлегуваат во јунговите концепти за колективното несвесно и егото, со особен акцент на идејата за „персона“, односно јаството кое е маскирано, за да може полесно да се вклопи во одреден социјален контекст.
Би-ти-ес зборуваат за ова уште во првата песна на албумот: „Кој сум јас?/ Се прашувам целиот живот/И веројатно никогаш нема да го најдам одговорот“, рапува Ким Нам-џун, кој во видеото се соочува со гигантска верзија од себеси, што (веројатно) илустрира како неговата сценска личност го има поклопено неговото вистинско „јас“. Освен тоа, целата просторија е исполнета со огледала, секое одразувајќи поинаков аспект од неговата личност.
Доктор Стајн бил затечен од нагло пораснатиот интерес за своето одамна објавено дело. На подкастот „Зборувајќи за Јунг“ тој објаснува дека албумот кој е заслужен за тоа е „полн со копнеж и борба за автентичност“, која се разрешува во последната песна, „Дионис“, кога бендот излегува од стапиците на замисленото јаство и доживува будење.
Иако ние го доживуваме третирањето на темава од страна на поп група како нешто необично, дури и бизарно, самите Корејци велат дека интроспекцијата и самопреиспитувањето е дел од нивната народна музика. Корејците генерално сакаат да читаат филозофска литература, што доведува до тоа филозофски дела да бидат бестселери во оваа земја (што ретко или никогаш не се случува во западна Европа или САД). Можно е врз бендот да има влијание и шефот на дискографската етикета на Би-ти-ес, кој студирал филозофија.
Во меѓувреме Стајн е зафатен со одговарање на прашања од армијата фанови на групата поврзани со идеите на албумот. Човекот има 75 години, и вели дека не знае многу за поп музиката, освен тоа дека „таа е многу бучна“.