Пред повеќе од 130 години, внатрешноста на познатиот Ројал Алберт Хол бил трансформиран во вонземски свет. Посетителите биле облечени во необични костими, тезгите биле полни со производи продавани од девојки во живописни фустани, а имало и активности инспирирани од една од најпопуларните научно-фантастични приказни на тоа време.
Врил-Ја Базар-от бил саем и истовремено настан за собирање доброволни прилози. Денес се смета за претходник на собирите како Комик-кон и ВондерКон, со други зборови „првата научно-фантастична конвенција“. Но за разлика од современите собири, овој бил посветен само на едно ексцентрично дело, хит романот „Врил: моќта на расата која доаѓа“ од Едвард Булвер-Лајтон.
Објавена во 1871, „Врил“ ја раскажувала приказната за откритието на супер-човечка раса со напредни моќи на исцелување, интелектуалност, телепатија. Книгата набргу станала дел од општата култура на секој кој сакал да се нарекува начитан. Всушност, самиот збор Врил (во романот специфична течност која ги зголемува моќите на суперлуѓето, наречени Врил-ја) станал синоним со еликсирите за зголемување на енергијата.
Книгата го опседнала доктор Херберт Тибитс, основач на лондонската болница Вест Енд и Школата за масажа и електрицитет, која нудела експериментални третмани за парализа, епилепсија и други нервни болести. Сметал дека таа е одлична тема за настан за собирање прилози за обете институции, какви што претходно имал организирано во голем број.
Весниците го најавиле базарот во февруари 1891, а со свечена церемонија тој бил отворен на 5 март, од страна на принцот Хенри и принцезата Беатрис од Батенберг. Претставници од различни организации им пристапувале на аристократскиот пар, еден по еден, оставајќи ќесиња полни со донации пред нив.
Обичните посетители плаќале билет за влез во базарот на чиј влез имало фасцинантна сценографија - архитектурата на подземниот свет од романот бил сличен на оној на древен Египет, па оттаму на големи платна биле нанесени симболи на оваа култура. Над главите на посетителите „летале“ кукли кои требало да ги претставуваат луѓето Врил-ја, а среде арената се издигнувал голем обелиск.
Луѓето се костимирале за да се вклопат во приказната - некои носеле крилја, други старогрчки или египетски наметки. Програмата вкучувала магионичари, читања, концерт на Д Лејдис гитар бенд, рецитали на органа и друго. Штандовите нуделе рибарење на затворено, читање на дланка, некакво „демонско“ куче наводно читало мисли, а имало и многу што да се купи.
И покрај сета помпа, медиумите не биле нешто воодушевени по одржувањето на базарот - тие очекувале нешто поелегантно и цивилизирано. Наместо да трае три дена, саемот бил продолжен за уште два, но не поради големата побарувачка, туку за да се надоместат загубите. Наместо да собере пари за болницата, Тибитс прогласил банкрот, а главна причина било што ќесињата што биле оставани пред принцот и принцезата всушност биле лажни - многу мал број од нив всушност содржеле пари. Останува историскиот спомен на Врил-Ја базарот, кој бил многу пред своето време.