Уште од замирањето на силните текови од 80-тите - составите Падот на Византија/Апореа/Анастасија/Лола В Стајн/ДД Синтезис, Мизар и Архангел - во Србија богатата музичка сцена од Македонија е едвај маргинално следена. Бернијс пропаганда ретко гостува во тукашните клубови, а ни се измолкна и оригиналниот Фолтин, каде во почетокот беше контрабасист и композитор Оливер Јосифовски.
Роден ’73 во битолското маало Баиро, во семејство перкусионисти, во текот на усовршувањето на конзерваториумот во Софија тој ја запознал Вера Милошевска, веќе прекалена низ детски па женски хор, и низ соработка со оркестарот на славниот гајдаџија Пеце Атанасовски, инспирирана од не помалку ценетата Вања Лазарова. Овој пар во 2001 во Скопје направи сопствен бенд, Љубојна (кованица од љубов и бој, љубов и војна), и деби албум „Парите се отепувачка“ во 2005. Оливер израсна и во продуцент, а тие се и сами свои издавачи (Баиро Закон Корпорејшн). Калорискиот ЦД „Маcedonia Fresh" (2008) е во живо и анплагд, додека апстрактно спакуваниот „Песна за мојата песна“ (2009) интересно ја музицира и жонглира поезијата на познатиот македонски поет и писател Петре М. Андреевски. Концертниот In Life (2010) се појави со списанието Life. Следната година Љубојна на своето име почна да му додава и Brass Fantasy, затоа што дотогашната постава (гитара-бас-тапани-удиралски+кларинет, виолина...) ја дополнија со лимена дувачка секција, а почнаа да настапуваат и во големи сали. Паралелно работеа за театар, балет и филмови, се ангажираа хуманитарно и еколошки, сè почесто печалбареа, објавија ЦД во Турција...За прослава на 15-годишнината нанижаа големи концерти со славни гости.
Во патинираната сала на Домот на синдикатите во Белград првенствено во промотивни цели, со влезници од по 1000 динари (500 денари), не можеше да се очекува повеќе од полу-пополнетост, но оваа премиера веднаш докажа дека Љубојна одлично би се вклопила и на Егзит, и во Нишвил, и во Драгачево, па и во Белградскиот џез, и во Тодо Мундо ако се уште го има.
Инсцениран во склад со старинскиот омот на Радио Љубојна - диско-кугла, неони и лампиони, миленца на појачалата „Маршал“ - концертот веднаш и без напор полета, затоа што Љубојна зрачи со енергија и топлина, како што зелениот пазар во нивната татковина експлодира од бои, мириси и вкусови. Поставата од 10 свирачи зад Вера Милошевска сјае од радост на музицирањето кое веднаш оддекнува во публиката, а над сè бриљира гостинот со труба Џамбо Агушев. Останатите солисти се дискретна стара школа, со по малку архаични движења, но вистинско чудо е ненаметливиот придонес на тројца свирачи на туба (еуфониум и сл.), кои низ префинетите аранжмани се рамо до рамо со Dirty Dozen Brass Band. Од оваа секција на Љубојна можат многу да научат и некои од најмодерните претставници на трендот Гуча, да не ги ни спомнуваме малите „бреговичи“ и сите оние кои тоа го развлекуваат како гнетаво тесто. Како што вистински голем концерт на Љубојна сега е само прашање на момент, така и Вие кои евентуално уште се замлатувате со Мостар Севдах, сега имате шанса да го упристоите својот вскус за ворлд/етно бенд.
Репертоарски Љубојна прави барем исто толку голем подвиг, затоа што постојано ни ги полни ушите и срцата со бисери на раскошната македонска музичка традиција (егејски песни), без да употреби ниту една од десетината најомилени и на сите познати, неретко излитени нумери на таа земја. Костурчанки, Твоите очи Лено, Огреала месечина и сличните опојно лизгаат кон еуфорија, бендот на мора да форсира брзалици и виртуозни кулминации туку ги менува со лежерни разигрувања. Не само факелоносец на својот фолклор за 21 век, Љубојна навистина е ововековна, суптилно убрзгувајќи модернизација и во карактеристичните наслови како Кратово виа Бразил, Галичник виа Њујорк, Охрид виа Долмабаче, од актуелниот албум, на кој пишува и „Битлси виа Битола“. Од главните гости на ова издание, сонародникот од Белград Васил Хаџиманов воздржано на клавијатури придонесе кон некои нумери и во живо, а Влатко Стефановски одамна не бил толку економичен, концизно демонстрирајќи вистинско мајсторство на електрична гитара. Неговиот и на Леб и сол голем хит Скопје со Љубојна буквално добива нов живот.
По час и половина, Вера - еден од оние беспрекорни гласови кој чист, како свиркање со уста се вденуваат низ сите музички ткаења - на бис акапела ја изведува „Мој голубе“, па пак целиот оркестар пржи; публиката е на нозе, а тешко е човек да тргне кон излезот. Кога сме веќе кај глас(овите), Вам ви е веројатно јасно дека тоа беше само параван? Всушност, гарант вујко Џорџ ги платил да дојдат и со тоа нескриено, заразно уживање во музиката да ја дестабилизираат тукашната предизборна депресија на „сигурна победа во првиот круг“.
Автор: Драган Кремер (белградско Време, со претплата)