Во рамки на одбележувањето на 100 години од почетокот на Првата светска војна, за што различни манифестации се одржуваат и во Македонија, летово ќе биде реиздадена книгата „Сленг од ничија земја" од Канаѓанецот Лоренцо Н. Смит. Таа била прв пат објавена во 1918, а нејзина цел била преку различните војнички изрази потенцијалните регрути да се информираат за особеностите на војувањето и да се акцентира заедништвото и солидарноста на воената служба. Со еден збор, книгата на Смит претставувала еден вид пропаганда на тоа колку е кул да се биде војник, но од друга страна воопшто не ги разубавувала фактите.
Историчарката Џули Колман, која е авторка на воведот кон новото издание, потенцира дека иако работата на Смит била да регрутира колку што е можно повеќе војници, тонот на неговиот „водич" бил сурово искрен. „Тешко е да се поверува дека некој би помислил да се придружи на армијата откако ќе прочитал од какво сè германско оружје може да загине", пишува таа.
Но книгата не е интересна само од оваа историска и воена перспектива, туку и од лингвистичка. Новите зборови и термини кои се создавале поттикнати од околностите на војувањето биле креативни, а често пати и хумористични. Во нив, според Смит, се вградени умствените плодови на Англо-Саксонските сојузници, без оглед дали тие биле од Британија, Канада или од САД.
Еве неколку изрази од богатиот речник:
Берта: Германски топ од шеесет тона, наречен така според Берта Круп, фабриката која го произвела. Има опсег од околку 18 километри, и фрла бомба од по петстотини кила врз „Томиевците" (британските војници) кои ја нарекуваат бомбата „Џек Џонсон"
Јајца (Eggs): Бомби или гранати. Има и една германска бомба која личи на јајце од гуска. Тие понекогаш се полни со шрапнел, различни видови отровен гас или парчиња метал.
Летечко прасе (Flying pig): Еден од најтешките рововски минофрлачи, со тежина од 135 кила. Има форма на прасе, а гранатата која ја исфрла свети од страната на опашката сè додека не почне да паѓа, што е знак за војниците кои чекаат да се засолнат. Утробата на погодениот пука како пуканка и умира на место. Мината уште е наречена и „Колбас", „Бокал со рум" или „Мини" (женско име).
Црна Марија (Black Maria): Граната од 136 килограми, која ослободува голем облак на загушувачки црн чад кога експлодира.
„Негова-или-наша?" (His-Or-Ours?): Прашање кое војникот го поставува кога слуша граната, но не може да ја види.
Кивачки гас (Sneeze Gas): За да го примораат непријателот да ги трга заштитните гас маски, Германците го користат она што војниците го нарекуваат 'кивачки гас' затоа што предизвикува неверојатна желба за кивање. Хемиски тоа е дифенилклоразин, а гранатите кои го содржат се помешани со други гранати при бомбардирањето. При експлозијата се шири гас кој содржи арсен, невидлив е, без мирис и суптилен, и навлегува во филтрите на гас маските. Но отстранувањето на маската значи смрт. Сега Британците имаат направено филтер кој го неутрализира ова дејство, па сега стравот од нив е намален.