Како да спасиш јазик од изумирање?

„Војни на ѕвездите“ на навахо

На 3. јули на територијата на народот Навахо во Аризона, полу-автономна област на домородните Американци во рамките на САД, ќе биде промовиран нов превод на класикот од 1977. 

Проектот, во соработка со Лукас филм, е на Мануелито Вилер, директор на Музејот на народот Навахо во Виндоу Рок, Аризона.

„Потребен ни е начин да ја сочуваме нашата традиција", изјавил Вилер. „Јазикот е јадрото на една култура. Сметав дека ни треба посовремен начин да допреме и до помладите луѓе и до населението во целина. Токму од тука произлезе идејата за превод на некој познат филм на јазикот на Навахо".

Самиот Вилер пораснал на територијата на народот Навахо, но иако неговите родители го зборуваат јазикот, тој не го владее. Сличен е случајот и со голем број други членови на Навахо заедницата. Оттаму, кога тие гледаат филм како „Војни на ѕвездите" во кој текстот им е главно познат, и кога ќе го слушнат истиот на навахо, тие практично го учат без голем напор.

Преводот го вршеле петорица преведувачи, и тие морале да бидат прилично креативни, особено затоа што во навахо отсуствуваат зборови за технолошки изуми, на пример за робот. Но овој јазик е многу описен, полн со придавки, па не било тешко овој збор да се преведе со „машина што мисли". Со оглед на тоа што преводот ќе биде синхронизиран, биле одржани и дводневни аудиции, на кои се пријавиле повеќе заинтересирани говорители на овој јазик, кои сакале да бидат дел од нешто „историско".

Премиерата ќе се одржи на отворено, а ќе бидат делени и пуканки. Најчесто поставуваното прашање во меѓувреме е како се вика May the Force be with you (Нека силата биде со тебе) на навахо? Ќе дознаме на 3. јули.

* фотографија горе: Комбинација на знамето на Навахо со постерот за филмот.

6 јуни 2013 - 08:13