- Четири лица се осомничени за вмешаност во тешката сообраќајна несреќа што вчера се случи на улицата Народен фронт во Скопје, во која животот го загуби 79-годишна жена, а возачот што ја усмрти избега од местото на трагедијата.
- Несреќата се случила околу 11:30 часот, кога патничко возило „Фолксваген Пасат“, управувано од 18-годишен скопјанец, удрило во повозрасната жена, која починала од здобиените повреди. Наместо да застане да ѝ помогне, возачот го напуштил местото на настанот.
- Истражувањето покажало дека младиот возач и неговиот татко, со помош на уште две лица, ја напуштиле државата истиот ден по несреќата. Двајцата помагачи се уапсени и против нив е поднесена кривична пријава поради помагање во бегство по извршено кривично дело.
- За возачот и за неговиот татко е распишана потерница.
- Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран криминал при МВР од утрово вршат претреси на десетина локации низ земјата во рамки на истрага за финансиски злоупотреби во здравството.
- Според неофицијални информации, со акцијата се опфатени лица од приватна болница и вработени во Фондот за здравствено осигурување, осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење, измама и перење пари.
- Меѓу осомничените е и поранешниот директор на ФЗО, Ден Дончев.
- Осомничените наводно го оштетиле буџетот за 1,5 милиони евра, а оштетени биле и поголем број пациенти кои се лекувале во болницата.
- Владата на Еди Рама воведе парични казни до 500.000 леки (околу 5.500 евра) за луѓе што учествуваат на насилни протести во Албанија.
- Сумата е приближно шест просечни плати. Казната ќе важи за сите демонстранти, без оглед дали лично биле вклучени во насилства. Лица што го кријат идентитетот се соочуваат со казни од 10.000 до 100.000 леки.
- Албанци од мај демонстрираат во Тирана против проектот за изградба на комплекс со луксузни хотели во природен резерват. Во компанијата вклучена во проектот учествува и Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.
- Кон средината на октомври, протестите се проширија со студентски барања поврзани со корупцијата, проблемите во здравствениот систем и недостатокот на перспективи за младите.
- Во изминатите денови имаше и жестоки судири на демонстрантите со полицијата во Тирана.