Принципот на медиокритетност вели дека во отсуство на доказ за спротивното, треба да претпоставиме дека сме типични (значи просечни, медиокритетни) членови на одредена група или категорија. Истиот се користи во области како астрономија и геофизика, каде се поврзува со Коперниканскиот принцип, според кој Земјата не зазема привилегирана позиција во универзумот, односно дека воопшто не постојат привлегирани места или времиња.
Но неговите консеквенци се и филозофски и психолошки. Имено, разбирањето на концептот има ослободувачки ефект - ако ништо во космосот не е резултат на намера, ако во него нема злоба или некаква наклонетост, туку сè е само резултат на правила, тогаш сите ние сме нуспојави на случајност. Сите сме различни од други, уникатни, но не и супериорни. Никој како нас не постоел претходно, ниту пак ќе постои, затоа што природата не се повторува себеси.
Но овој принцип сепак не се однесува само на нашите поединечни животи. Негова консеквенца е и тоа дека нема ништо необично во врска со еволуцијата на Сончевиот систем, историјата на Земјата, постоењето на која и да е нација.
Терминот „медиокритет“ се има стекнато со лоша репутација, и во секојдневниот говор е основа за навреда. Но етимолошки тој не содржи ништо пежоративно. На латински mediocris е сложенка од придавката medius (среден, на средина) и ocris (карпеста планина). Нешто што е медиокритетно е значи на половина пат до врвот на планината, односно се издигнува до половина од нејзината висина. Метафорично тоа е човек кој е на половина пат до највисоката точка на исклучителност. Но ако принципот на медиокритетност е точен, тогаш ова не е никаква навреда туку само прост факт. Aко го замениме со „обичен“, тогаш тоа веќе има многу смисла.