Светот на уметноста често е збогатен не само од животите на оние кои создаваат трајни дела, туку и од оние кои им овозможуваат на оние кои го имаат талентот да создаваат - како мецени, спонзори, но и како морални поддржувачи. Неодамна излезе долго очекуваната биографија за два такви лика, без кои модерната културна историја не би била тоа што е. „Сидни и Вајолет: нивниот живот со Елиот, Пруст, Џојс и неверојатно избувливиот Виндам Луис" го опишува овој моќен пар кој повлијаел на уметничкиот свет во Англија во раниот дваесети век.
Нејзиниот автор, Стивен Клајдман, долги години работел како новинар и уредник во Вашингтон пост, Њујорк Тајмс и Херал Трибјун, и лично ги познавал овие богати лондончани. За нив било работа на престиж, но и на добар интелектуален вкус, да се дружат со нивниот обожуван Пруст, со Олдос Хаксли или со откачениот сликар и писател Виндам Луис. Самиот Синди напишал осум романа под псевдонимот Стивен Хадсон, но тоа сепак не е неговиот најголем придонес кон книжевната сцена. Многу поважно е што тој и неговата сопруга околу себе создале круг на талентирани соговорници и креативци, и на тој начин ги охрабрувале и вмрежувале нивните напори. Клајдман на некој начин ги користи ликовите на Сидни и Вајолет за низ нив да направи групен портрет на славните модернисти, зачинувајќи ги до сега познатите биографски детали со по некоја анегдота или трач на нивна сметка - работи кои никако не сте можеле да ги знаете ако не сте биле член на овој потесен круг, членство кое не се купувало, туку се заслужувало.
Иако обајцата потекнувале од еврејски семејства, тој факт никогаш не ги спречило сопружниците да бидат пријатели и со анти-семитски настроени карактери (како Елиот или Луис). Семејството на Вајолет исто така било прилично упатено во уметноста - мајка ѝ постојано организирала соареа за тенорот Енрико Карузо и композиторот Пучини, а сестрата на Вајолет, Сибил, станала блиска пријателка, а најверојатно и љубовница на Пучини. Третата сестра, писателката Ада Леверсон од Оскар Вајлд го добила прекарот „Свинга", и стоела на негова страна низ сите премрежја низ кои поминувал, кога јавно бил понижуван заради неговата хомосексуална ориентација.
Книгата содржи и преписки помеѓу парот и нивните славни пријатели, а од особена книжевна вредност се оние писма кои ги разменувале со Пруст од 1919 до два месеца пред неговата смрт во 1922. Елиот пак објавил некролог за Вајолет во „Тајмс" во кој вели дека „некој иден хроничар на историјата на уметноста на нашето време треба да им го даде на Синди и на Вајолет Шиф местото кое тие го заслужуваат". Оваа биографија е токму таков, успешен обид.