Вообичаената асоцијација на чекан е следна: дрвена рачка со метална глава и во некои варијанти железна „шепа“ за вадење шајки во задниот дел. Но во Музејот на чеканот во Хејнс, Аљаска, она што е „вообичаено“ кога се во прашање чекани треба да се заборави и со отворен ум да се пристапи кон 2.500-те изложени примероци (со уште 8000 во депото).
Музејот со четири простории го трасира потеклото на една од првите човечки алатки низ векови историја. Камен чекан за кој палеонтолозите сметаат дека учествувал во градењето на пирамида во Египет, римско чекано-секирче кое војниците го користеле како оружје, чекан со многу долга рачка кој се користел за закачување постери и реклами, чеканчиња од доцниот 19 век за поништување чекови пред измислувањето на механичкиот дупчач и мали чекани со кои посетителите на барови во Њујорк во 1960-тите сигнализирале потреба од нова пијачка или „аплаудирале“ на музичките точки.
„Во Музејот на чеканите има за секого по нешто“, вели Дејв Пал, неговиот основач и долгогодишен колекционер. Тој дошол во Аљаска од Охајо, во малиот град со 2000 жители, каде изградил колиба за да ги расте децата во животен стил на самоодржливост. Неговата опсесија со чеканите ја преполнила куќата, па било потребно тие да се преселат во посебен објект. Така, во 2002 бил отворен првиот музеј посветен на оваа алатка, кој од тогаш инспирира слични низ светот, како во Литванија и Германија. Некои од нив се и побогати од овој на Пал, но тој пак поседува 2500 патентни документи кои покажуваат која била оригиналната намера на секој пронаоѓач на конкретниот чекан.
За да го привлече вниманието на туристите, тој има изградено 6-метарски чекан на влезот од музејот, кого го украсува за Нова година со лампиони. Често го викаат како советник, на пример на каналот Хистори, со прашања кој чекан да го употребат при симулации на одредени историски содржини. Минатиот месец Пал самообјавил и книга од 200 страници, „Подобрениот чекан: водич за идентификација, историја и еволуција на оваа алатка“.