Во неговата книга од 2017, „Вкус“, италијанскиот филозоф Џорџо Агамбен го истражува коренот на овој збор. Историски, тој е дефиниран како форма на знаење до кое се доаѓа преку задоволство, од вкусување храна, до проценка на квалитет на некој предмет. „Вкус“ е во основа човечка способност, дури и подсвесна - знаеме дали ни се допаѓа нешто и пред самите да сфатиме зошто. Ефектот на вкусот, значи, е базиран на изненадување. А алгоритмите играат токму на таа карта - покажувајќи ни нешто што до тогаш не сме знаеле дека го сакаме. Па сепак, никогаш до крај не сме изненадени.
Филозофите од 18 век го дефинирале вкусот како феномен кој има врска со моралот, со нашата способност да препознаеме вистина и убавина. „Природниот вкус не е теоретско знаење; тоа е брза и длабока примена на правила за кои не ни знаеме дека постојат“, напишал Монтескје во 1759. Ова „незнаење“ е важно, затоа што става акцент на чувствата. Замената на ваквата (свесна, полусвесна, интуитивна, сосема несвесна) активност со алгоритми ни одзема нешто од човечноста.
Секој избор кој го правиме во секојдневниот живот, готвејќи, облекувајќи се или бирајќи што ќе гледаме и читаме е значаен дел од нашиот идентитет и го отсликува она што сме. Ако вкусот е диктиран од алгоритми кои се хранат од податоци, контролирани од огромни технолошки корпорации, тогаш сме сведени на робови на роботи.
И не само на ниво на поединци, градиме вкус базиран на алгоритми и како колективи. Ако алгоритамот на Амазон вели дека 83,7% од купувачите купиле сини кошули, тоа значи дека сините кошули се модерни, и дека производителите треба да направат повеќе сини кошули, а ние - потрошувачите - да ги купуваме и да ги носиме. За да се случи ваков тек на настани не е потребна човечка интервенција, иако не е јасно дали технолошки раководеното градење вкус е подобро или полошо од она кога некој влијателен уредник на модно списание ќе одлучи да промовира некаков тренд. Но тогаш барем можеме со прст да посочиме кон него/неа.
Алгоритмите ветуваат: ако ти се допаѓа ова, ќе добиеш повеќе од него, засекогаш. И ова искуство протекува од интернет и Гугл рекламите во физичкиот свет. Во еден момент сме заточени од вкусот кој машините мислат дека го имаме. А мислат така затоа што ние, со нашето дигитално однесување, сме им го кажале тоа. Потребно е вистински ангажирано потрошувачко однесување за да се влијае врз ваквата состојба, иако не радикално. Пример - користиш некоја од апликациите за музика на која веќе ѝ е јасно каков ти е музичкиот вкус, но од време на време прашуваш пријатели, познати, а најубаво сосема непознати, за музички желби. Нивното внесување, се надеваш, ќе го „збуни“ алгоритамот, и тој следниот пат ќе ти отвори и други музички врати, со песни кои можеби ќе ти се допаднат, а можеби и не. Но барем ќе те изненадат.
Секоја платформа, чиј алгоритам дава приоритет на некоја содржина во однос на друга, базирано на предвидливи активности, развива Генерички стил, кој е оптимизиран за специфичната структура на платформата. Тој со тек на време еволуира, базирано врз освежувањата во платформата и она што во меѓувреме го прават корисниците. Кога ќе го сретнеме Генеричкиот стил во секојдневието, тоа нè исполнува со јаѕа: дали се наоѓаме во сферата на не-баш човечкото, дали донесуваме независна одлука за тоа што ни се допаѓа, или машините нè познаваат подобро отколку ние себеси?
Ова секако не е нова состојба на човечкиот дух, бидејќи истата вознемиреност е поврзана и со прашањето за имањето или немањето слободна волја и детерминираноста. И лекот е горе-долу ист, и се состои од свесно давање отпор на алгоритмите - носење ѕвонарки кога тие веќе не се „ин“, купување само винили, читање вести по „старски“, на хартија, гледање серии само на локална ТВ. Апстинирањето од алгоритамската култура е рамна на лудистичкото движење, кога работниците се противеа на автоматизацијата на текстилните фабрики од 19 век со тоа што ги уништуваа машините.
Иронијата е во следното - во моментот кога нешто што изгледа кул и автентично ќе излезе на интернет, тоа станува дел од равенката и, ако е вирално, бргу се интегрира во Генеричкиот стил. Во тој момент веќе станува загушена „револуција“, неефикасно и неразлично. Така, излегува дека и ваквите откритија треба да се одржуваат аналогни. Да се стави бариера помеѓу мозокот и интернет. За да се одржи човечкото во градењето на „вкусот“.
Извор: Racked