Вистинските протести инспирирани од „Три билборди“

Драмата која според многумина требаше да добие Оскар за најдобар филм наместо „детскиот“ „Облик на водата“ сепак има големо влијание и вон салите за доделување престижни филмски признанија. Така што билбордите станаа „тренди“ начин да се комуницираат политички и ангажирани пораки.

„Силувана додека умираше“, „Сè уште нема апсења?“, „Како тоа, шерифе Вилоуби?“ се трите билборди преку кои Милдред Хејс, чија ќерка е силуваната и убиената, очајно но многу стоички се обидува да сврти внимание кон нерасветлениот случај. Додека гратчето сочувствува со нејзината тага, сите - од локалниот свештеник, младите од градот, до властите - сметаат дека нејзиниот начин е преагресивен.

А не е - се работи само за три обични билборди, кои тивко, но визуелно многу силно потсетуваат на злосторството. Токму тие станаа инспирација за активисти низ светот како начин за подигнување свест и повик за правда.

Така, уличен уметник по име Сабо постави три билборди во Холивуд (фото горе), како повик номинираните за Оскар да го искористат моментот за борба против сексуално малтретирање. Плакатите гласеа: „И Оскарот за најголем педофил оди кај...“, „Сите знаемевме и се уште нема апсења“ и „Имиња имиња на сцена или ќутете!“.

Но „Три билборди“ имаше ефект и вон Холивуд. Влошувањето на ситуацијата во Сирија за кое според многумина е виновна меѓународната заедница беше тема на билборди поставени од коалиција медицински и хуманитарни организации. Тие беа поставени пред седиштето на ОН во Њујорк, со текст: „500,000 мртви во Сирија“, „Се уште ништо не се случува?“, „Оди си дома Совету за безбедност“ (Во меѓувреме Советот издаде резолуција за привремен прекин на огнот)

Слични примери имаше и на други теми, на пример контрола на оружјето и медиумската слобода. На првото со билборди беше реагирано после пукањето во Паркленд, Флорида, кое заврши со 17 мртви. Тогаш активистичка група наречена Авааз постави мобилни билборди на камиони и ги возеше низ Мајами, со порака до сениаторот од Флорида, Марко Рубио: „Убиени во школо“, „Се уште нема контрола на оружје?“, „Како така, Марко Рубио?“

Во Лондон на сличен начин се протестираше заради бавната правда во случајот со пожарот во кулата Гренфел, кој однесе 71 жртва, а стотици останаа без покрив над главата. Во Малта пак темата беше убиството на истражувачката новинарка Дафне Каруана Галиција, но овие билборди беа инстантно отстранети од властите, под изговор дека биле „дивоградби“.

Овој нов бренд активизам не остана незабележан од самите автори и актери на филмот. Во текот на примањето на наградата БАФТА за најдобра женска улога, Френсис МекДорманд (која доби и Оскар за истата) одаде почит на „добро организираната граѓанска непослушност“ и рече дека е воодушевена од тоа дека филмот инспирирал активисти од целиот свет. Можеби, како и во филмот, билбордите нема да вратат некого, но тие сепак информираат и предизвикуваат чувства.

6 март 2018 - 14:15